„Да ја знаевме проблематиката на детето со време, ќе реагиравме порано. Mатичниот лекар сосема случајно ѝ откри дека има проблем, мал проток на крв. Со понатамошни прегледи кај кардиолог и со магнетна резонанца, се виде што е проблемот и за еден месец се интервенираше“, вели Јелена Филиповска, мајка на дете со вродена срцева маана.
Јелена Филиповска e мајка на дете со вродена срцева маана. Од хиперактивно дете без никакви симптоми, сосема случајно на 15 годишна возраст ја откриваат болеста на нејзината ќерка.
Your browser doesn’t support HTML5
Таа ја дели судбината на уште стотина други деца во земјава кои страдаат од срцеви заболувања. Дваесеттина од нив беа дел од летниот камп во Струга на Црвениот крст и клиниката Жан Митрев. Таму преку интерактивни и психолошки работилници, имаа можност да креираат заедно и да учат за себе. Беа присутни и нивните семејства.
„Кампот ѝ овозможи уште повеќе да се чувствува подобро, бидејќи дојде во контакт со други деца кои имаат исти интервенции, многу и помогна и долго време не сум ја видела толку среќна“, додава Филиповска.
Кампот „Моето срце во сите бои“ се организира веќе 15 години. Идејата е да се покаже дека овие деца не се сами и оти некој мисли на нив.
Идејата на комбинација на психотерапија и физиотерапија е децата да бидат ресоцијализираниБлаже Арсов, физиотерапевт и специјалист за рехабилитација
„Ние како клиника се соочуваме секоја година со новодојдени дечиња од различна возраст. Кај некои од најраната возраст, а кај други сосема нормално функционираат до период на адолесценција, кога родителите споделуваат дека случајно откриваат дека имаат шум на срце, па од таму почнува целата приказна“, вели психологот и семеен системски советник Александра Петроски.
Предизвиците со кои тие се соочуваат се големи, од самиот оперативен зафат, па се до периодот поминат потоа.
„Меѓутоа тие после имаат месеци и месеци па и со години ограничувања во нешто што за нив е примарен фокус. Тие имаат несигурности околу себе кои влијаат на нивната психолошка состојба кога растат и се развиваат, па може да дојде до социјално повлекување и изолација“, вели Петроски.
„Ограничувањата се од типот кои физички активности можат да ги изведуваат, односно не можат да ги изведуваат и самиот факт дека не можат да се вклучат во секојдневните активности на сосема ист начин како нивните врсници навистина влијае на нивниот емоционален развој“, вели психолог Кристина Егуменовска.
Но, некои од нив веќе се успешни спортисти и прваци во одредени спортови после хируршкиот и пост оперативен третман.
„Идејата на комбинација на психотерапија и физиотерапија е децата да бидат ресоцијализирани и да забележат дека не се поразлични од другите“, вели Блаже Арсов, физиотерапевт и специјалист за рехабилитација.
Годинава на кампот беа присутни деца од 5 до 17 годишна возраст.
„Секојдневно се организираат различни активности од вежби со физиотерапевт, едукативни и забавни работилници организирани од страна на волонтери од одделот на млади на Црвен крст на град Скопје“, вели Сара Ацковска, заменик лидер на клубот за млади на Црвениот крст на град Скопје.
Лекарите велат дека за успешно лекување е важно навремено откривање на срцевите аномалии, кои можат да го компромитираат комплетно животот на детето во иднина. Секоја маана велат дека има причина од претходно, многу често уште пред самото раѓање, затоа е неопходно редовно следење на развојот на детето, но оти причина за тоа може да биде и генетски фактор.
Во државата нема податоци, колкав е точниот број на овие деца, бидејќи тие се оперираат во приватните клиники. Не постои државна детска кардиохирургија и покрај иницијативата за нејзино отворање пред неколку години.