„Подготвувајќи се за денешниот настан, покрај други материјали го прочитав и моето обраќање од мај минатата година. Што заклучив? Дека за жал можам да го прочитам истиот текст и денес и ништо битно нема да пропуштам. Таму каде што бевме лани се наоѓаме и сега без видлив и сериозен напредок“, рече поранешниот претседател, Бранко Црвенковски.
Така поранешниот шеф на државата го почна обраќањето на денешната дебата организирана од Советот на амбасадори на која се разговараше за европската иднина на регионот. Црвенковски кој, по подолга пауза, се појави во јавноста, своите согледувања за блокираните балкански евроинтеграции ги искористи како вовед за пласирање нова иницијатива која треба да помогне во забрзување на пристапувањето на регионот во ЕУ.
Your browser doesn’t support HTML5
„Ние земјите кандидатки за членство да ѝ помогнеме на ЕУ да дефинира една појасна стратегија кон регионот на Западен Балкан и процесот на неговото интегрирање. Би сакал да ја искористам оваа можност пред вас, но и пред македонската јавност да промовирам една идеја за една таква иницијатива која по мое мислење заслужува внимание. Што е тоа што во оваа фаза за нас земјите од Западен Балкан е најбитно, а во исто време не задира во и онака комплицираното одлучување во рамки на ЕУ? Тоа е пристап до заедничкиот пазар и до европските фондови. Најдиректно кажано, иницијативата би се однесувала на овозможување на овие две цели. Ќе напоменам за да нема никаква забуна, ова не би било никаква алтернатива или супституција на полноправното членство во ЕУ. Напротив, тоа би бил еден меѓучекор или преодна фаза која би го олеснила остварувањето на таа цел“, рече Црвенковски.
Од ваквата иницијатива, како што вели, ќар би имале и земјите од Западен Балкан – би се подобриле нивните економски перформанси, но и ЕУ зашто така би го зајакнала својот кредибилитет и влијание во регионот и би ги елиминирала заканите од влијанија од надвор. Но, екс-шефот на државата, кој и долги години ја предводеше македонската влада, не гледа позитивно на Европската политичка заедница, проект инициран од францускиот претседател Макрон.
„Зошто ме плаши идејата за Европска политичка заедница, зашто говори за политичка заедница. Значи, што е идејата – идејата е дека вие кои се уште не сте членки на ЕУ, а сакате да бидете, еве ќе ви дадеме некоја форма во која ќе дебатираме за политики и толку.. Она што сериозно ги плаши Берлин, Париз Брисел и останатите клучни земји членки е се поголемото економско влијание на Кина на Балканот и се поголемото руско безбедносно мешање во политичката стабилност. Тоа ги плаши – дека кога нема реална понуда на ЕУ некоја земја може да застрани“, смета поранешниот претседател, Бранко Црвенковски.
Ја критикуваше новата методологија за пристапување, иницирана од Франција, зашто, според него, не ги дала резултатите, истовремено забележувајќи му на Париз за блокадата за земјава во 2019, токму поради барањето за нова методологија. Не е оптимист дека е можно земјава, како што изјавуваат владини претставници, до 2030 да стане членка на ЕУ. Ваквите согледувања, Црвенковски, ги поткрепува со истражувања кои, како што вели, покажуваат дека кај граѓаните во повеќе земји членки на Унијата постои сериозен скептицизам за проширувањето и тоа се одразува на политиките кои ги водат нивните држави.