Македонскиот Црвен крст досега собрал 120.000 евра во денари, наменети за настраданите подрачја од поплавите во Босна и Херцеговина, информираат од таму за Гласот на Америка на македонски јазик. Станува збор за средства, кои се собрани преку телефонски броеви и сметката на Фондот за солидарност на Црвениот крст.
„Акцијата за собирање на финансиски средства ќе трае до крајот на месец октомври“, информираат од Црвениот крст на Република Северна Македонија.
Инаку, Црвениот крст на Република Северна Македонија, веднаш стапил во контакт со Црвениот крст на Федерацијата Босна и Херцеговина.
„Согласно нивната проценка на потреби, понудена е помош во материјално- технички и човечки ресурси за справување со последиците, предизвикани од поплавите. Од своите резерви, Црвениот крст на Република Северна Македонија, издвои парични средства во висина од 10.000 евра, како првична помош за настраданото население“, додаваат од таму.
Од Владата на Северна Македонија за Гласот на Америка информираат дека премиерот Христијан Мицкоски, веднаш понудил помош на своите босански колеги.
„Македонската дирекција за заштита и спасување подготви тим од 17 припадници со опрема и возила, односно тим за пребарување и спасување од урнатини, како и тим за спасување од поплави од 16-мина со 20 пумпи и 6 возила. По активирање на Европскиот механизам за цивилна заштита, премиерот Христијан Мицкоски во телефонски разговор со Сараево ја понуди помошта, за што се очекува босанската Влада да донесе одлука за прифаќање“, велат од Владата на Република Северна Македонија.
Согласно барањето за помош што Владата на Босна и Херцеговина го упати преку Европскиот механизам за цивилна заштита, на координативен состанок, во Дирекцијата за заштита и спасување, било разгледано барањето за помош. Се очекува Владата на Федерацијата Босна и Херцеговина да донесе одлука за прифаќање на помошта.
„Дирекцијата за заштита и спасување, постапи по барањето на Европскиот цивилен механизам и покажа дека е подготвена да понуди помош од бараното. По проценка од страна на Министерството за сигурност на Босна и Херцеговина е одлучено дека во овој период, не е потребна помош од Северна Македонија. Исто така и од Европскиот цивилен механизам добивме потврда, дека засега нема потреба, но добивме пофалба за брзиот одговор на понудената помош како институција“, информираат од Дирекцијата за заштита и спасување.
Интензивните врнежи од дожд, кои ја зафатија Босна и Херцеговина, предизвикаа поплави, лизгање на земјиштето, но беа причина и за огромни материјални штети, губење на човечки животи, а животот на голем број на домаќинства и понатаму е во голем ризик.