Црната листа на САД ги скара СДСМ и ВМРО – ДПМНЕ околу Законот за рестриктивни мерки

СКОПЈЕ – И покрај тоа што од вчера се наоѓа на црната листа на САД, нема законски пречки лидерот на ГРОМ и градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски да ја продолжи трката за претседател на државата. Според член 7 став 1 од Изборниот законик и член 80 од Уставот услови за избор на претседател се тој да биде македонски државјанин, да има наполнето најмалку 40 години и да има постојан престој во Северна Македонија од најмалку десет во последните петнаесет години.

Јакимовски пак најави дека не се откажува од кандидатурата, се поистовети со американскиот кандидат Доналд Трамп и најави кривична пријава против непознато лице.

Американскиот Стејт Департмент вчера соопшти дека на „црната листа“ со забрана за влез во САД се ставени Катица Јанева и членови на нејзиното потесно семејство и Стевчо Јакимовски заради корупција, злоупотреба на службената положба и влијание, поткуп и мешање во урбанистичкото планирање и јавните набавки во случајот на Јакимовски.

Амбасадорката на САД, Анџела Агелер, порача дека одлуката не треба да биде изненадувачка за никого.

„САД ќе продолжат да ги именуваат функционерите од било која партија, владино министерство или заедница кои се вмешани во значајна корупција. Народот на Северна Македонија заслужува правда и отчетност од институциите задолжени да ја запрат плимата на криминално однесување и да го уништат канцерот на корупцијата“, напиша Агелер на социјалните мрежи.

Новите две имиња на „црната листа“ денес отворија нов судир меѓу СДСМ и ВМРО – ДПМНЕ. Претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски побара од пратеникот на ВМРО – ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, да не го блокираат Законот за рестриктивни мерки и да го стават на дневен ред на собраниска Комисија.

„Се работи за одлуки што ги носат американските институции врз основа на информации со кои тие располагаат. Со оглед на тоа дека САД се наш стратешки партнер и исто како и ЕУ и Обединетите нации, Владата подготви закон за рестриктивни мерки што е поднесен до Собранието. Го видовте соопштението од СДСМ, јас можам само да повторам дека го повикуваме пратеникот Антонио Милошоски и неговата партија ВМРО-ДПМНЕ да не го блокираат законот и да го пуштат во собраниска процедура. Доколку не планираат да го стават тогаш треба да кажат од кои причини не сакаат тој закон да биде донесен во Собранието“, изјави Ковачевски.

Милошоски пак е на ставот дека со постоечкиот Закон за меѓународна соработка, има правни механизми но Владата на СДСМ и ДУИ не сака да ги искористи

„Владата, министерот за правда и ЈО, доколку имаат политичка волја за сериозна борба против корупцијата, имаат важечки законски основ без одолговлекување преку министерството за правда веднаш да испратат замолница до надлежните органи на САД за достава на сите документи, списи, докази и информации за Рамиз Мерко, Катица Јанева, Стевчо Јакимовски и другите лица на "црната листа", напиша Милошоски на социјалната мрежа „Фејсбук“.

Последните две имиња кои се најдоа на црната листа се добро познати во јавноста. Јанева беше шеф на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) а во моментов издржува затворска казна во траење од седум години во затворот „Идризово“.

Јакимовски пак го тера четвриот мандат како градоначалник на Општината Карпош а во 2019 година против него беше поднесен обвинителен акт каде тој се товареше за „злоупотреба на службената положба“ и „овластување и бесправно градење“, дела сторени додека тој беше градоначалник на Карпош во периодот до 2017 година.

Црната листа на САД беше дополнета со неколку нови имиња во изминатиот период. Таму е актуелниот градоначалник на Струга, Рамиз Мерко од ДУИ, поранешниот вицепремиер а сега бизнисмен Кочо Анѓушев, поранешниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков, бизнисмените Орце Камчев и Сергеј Самсоненко како и екс премиерот Никола Груевски.