Претставничкиот дом на САД денес се очекува да гласа за пакетот помош на претседателот Џо Бајден за справување со пандемијата, вреден 1,9 трилиони долари.
Спикерката Ненси Пелоси рече дека е сигурна оти пакетот ќе биде изгласан во Претставничкиот дом, чиј фокус е да се спасат животи и да им се даде на луѓето надеж за иднина.
Републиканските законодавци го отфрлија пакетот, велејќи дека е преголем и оти несоодветно ги таргетира оние на кои помошта им е најпотребна.
Лидерот на малцинството во Претставничкиот дом Кевин Мекарти рече дека пакетот е „скап, корумпиран и либерален“.
Помошта, меѓудругото, вклучува директни чекови за Американците од 1.400 долари, 3.000 или 3.600 долари помош за децата, зависно од нивната возраст, додека невработените ќе треба да добијат помош од 300 долари неделно, која ќе трае до почетокот на септември.
Портпаролката на Белата куќа Џен Псаки ја пофали легислативата, и рече дека иако се направени мали промени во Сенатот, сепак ја опфаќала суштината на оригиналиот пакет предложен од Бајден.