Фаучи најави зголемено тестирање во САД

Седум сојузни држави регистрирале најголем број хоспитализирани пациенти со КОВИД-19 од почетокот на пандемијата

САД и натаму се први во светот, и според бројот на заразени, кој досега изнесува 2.3 милиони лица, и според бројот на починати, односно 121.228 смртни случаи, како последица на пандемијата.

Според Вашингтон пост, сојузните држави Аризона, Арканзас, Калифорнија, Северна Каролина, Јужна Каролина, Тенеси и Тексас, забележале најголем број хоспитализирани лица со КОВИД-19 од почетокот на пандемијата.

Доктор Ентони Фаучи, директор на Институтот за заразни болести и алергија, вчера во Конгресот, рече дека ќе има повеќе, а не помалку тестирање, откако претседателот Доналд Трамп побарал од здравствените официјални лица да прават помалку тестови.

Белата куќа соопшти дека претседателот не бил сериозен кога кажал дека зголеменото тестирање е причина за многу случаи на коронавирус во САД.

Сепак, Трамп рече дека не се шегувал.

Фаучи, исто така, кажа дека е претпазлив оптимист дека вакцината против коронавирус ќе биде достапна најрано до крајот на годината.

Тој претходно рече дека дури и да се направи вакцина, нема гаранција дека таа ќе биде ефикасна и оти ќе обезбеди долгорочна заштита.