Новинарски белешки: Новата реaлност на животот во Рим

Во Европа, многу семејства се раздвоени. Децата учат во странство, летовите се откажуваат низ целиот континент. Дописничката на Гласот на Америка од Рим Сабина Кастелфранко раскажува за своето искуство.

„Успевав да дојдам дома во Италија по долг ден на патување со моите двајца синови, 18-годишни близнаци, кои студираат во Англија. ЕУ најави дека нема да биде дозволено патување внатре во Шенген зоната и тоа ме загрижи. Училиштата се` уште не беа затворени во Англија и стравував дека нема да можеме да се вратиме дома. Но, за среќа, долгогодишните жители на ЕУ беа изземени од мерката“, вели дописничката на Гласот на Америка од Рим, Сабина Кастелфранко раскажувајќи за своето искуство.

„Имав купено авионски билети, но тоа не беше директен лет од Лондон до Рим, зашто беше невозможно да се најде. Летавме до Диселдорф, па оттаму до Рим. Јас заминав од Италија пред три недели кога само 11 градови во северниот дел беа затворени и ставени во карантин. Не можев да замислам дека така ќе биде во целата држава.

Нема луѓе кои се шетаат, нема автомобили, сите се во карантин, дома. Тоа е новата реалност за нас. Никој не знае колку долго ќе трае ова.
Сабина Кастелфранко, дописничка на Гласот на Америка од Рим


На 20-ти март, се упативме кон аеродромот Хитроу, со надеж дека се враќаме дома иако стравував од откажување на летовите. Кога слетавме во Диселдорф, наидовме на напуштен аеродром, но летот за Рим не беше откажан. Други немаа среќа како нас,“ вели таа.

Кога пристигнале во Рим, не биле подготвени за тоа што ги чекало. „Полицајци ни наредија да бидеме оддалечени по половина метар, еден од друг. Ни проверија телесна температура, еден по еден, и потпишавме документ дека заминуваме во 14-дневен карантин во нашите домови. Бевме уморни, но следното утро не дочека нов шок - нема луѓе кои се шетаат, нема автомобили, сите се во карантин, дома. Тоа е новата реалност за нас. Никој не знае колку долго ќе трае ова“, вели таа.