Доктор Ентони Фаучи, главен советник за здравство на претседателот Џо Бајден, рече дека државата се соочува со „болка и страдање“ со ширењето на делта варијантата на коронавирусот.
За телевизиајта „Еј-би-си“ Фаучи рече дека „работите ќе се влошат“, велејќи дека причина за тоа се милионите невакцинирани лица.
Тој секој ден ги повикува Американците да се вакцинираат.
„Се заштитувате себеси да не се разболите сериозно, или можеби да починете. Невакцинираните дозволуваат ширење на вирусот“, рече Фаучи.
Тој рече дека не се согласува со реакциите на дел од републиканските официјални лица кои велат дека новите препораки за носење маски се преувеличени.
Фаучи, исто така, ги отфрли поплаките на оние што не сакаат да се вакцинираат и кои велат дека им биле нарушени индивидуалните слободи.
„Се наоѓаме во многу сериозен здравствен проблем. Факт е дека ако се заразите и го пренесете вирусот на друг, вие ги загрозувате индивидуалните права“, рече Фаучи.
САД бележат по 70.000 нови случаи на ден, рекорден број кој последен пат беше регистриран во февруари.