Еден од 890 Македонци досега починал од Ковид-19. Според најновите податоци на универзитетот Џонс Хопкинс земјава се наоѓа на осмото место во светот според бројот на умрени на 100 илјади жители. Пред нас се Сан Марино, Белгија, Словенија, Перу, Италија и Босна и Херцеговина.
Професорот Дејан Трајковски од Техничкиот факултет во Битола кој прави епидемиолошки анализи и моделирања вели дека земјава е горе долу на исто ниво со регионот во поглед на стапката на смртност која тој пресметал дека изнесува 3.59% од дијагностицираните. Високото рангирање на листата на Џонс Хопкинс се должи на големиот број инфицирани, а не на поголема смртност.
„Приближно во рамките на светскиот просек особено ако се има предвид дека во Македонија тестирањето во однос на бројот на жители е малку помало“, вели Дејан Трајковски, професор по теориска механика од Техничкиот факултет во Битола.
Неговите пресметки покажуваат дека дури 26.9% од хоспитализираните пациенти завршуваат со смртен исход.
„Малку повисока од светскиот просек иако не драматично повисока. Во светот е некаде околу 22.9%. Имаме околу четири процентни поени повисока смртност. Сметам дека пред се тоа се должи на недоволните капацитети за хоспитализирање. Доколку во Македонија би имало поголем капацитет, болнички и човекови ресурси, доколку би се хоспитализирале и лесно и средно тешките болни во тој случај стапката на болнички леталитет веројатно би била пониска“, вели Трајковски.
Според математичкиот модел кој го разработил професорот Трајковски епидемијата е во фаза на забавување.
„Дневната бројка на новодијагностицирани постепено ќе се намалува и од сегашните 720 случаи на ден ќе опадне до околу 500. Додека бројот на починати од моментално околу 25 починати на ден, до Нова Година ќе падне на 19 до 20“ објаснува Трајковски.
Ова е пред се резултат на големиот број луѓе кои веќе го прележале вирусот, а не на рестриктивните мерки.
„На вирусот му е се потешко да пронаоѓа нови осетливи лица... Голем дел од населението, околу 40% веќе ја има прележано болеста и се стекнале со привремен имунитет особено во некои градови како на пример Штип. Се смета дека на секој официјално дијагностициран доаѓаат најмалку 6 до 7, според некои извори и до 10 пати повеќе вистински инфицирани. Зборувајќи на примерот на Штип, со нивните 6.3% досегашна стапка на заразеност односно кумулативна инциденца, за Штип може да се смета дека над 50% од населението има прележано и има стекнато некаков имунитет“, вели Трајковски.
Ширењето на епидемиите се пресметува, следи и прогнозира преку користење на т. н. репродукциски број на вирусот (Ro). Тој го покажува просечниот број на луѓе кои ќе бидат заразени од еден човек. На пример, доколку Ro е 4, тоа значи дека секој болен во просек би заразил уште четворица.
„Тој претставува мерка на забрзувањето односно забавувањето на епидемијата и врз основа на него се прават сите натамошни пресметки“, вели Трајковски.
Во моментов репродукцискиот број за корона вирусот во земјава е под 1 односно околу 0.9. Професорот очекува во следниот период да се спушти и под 0.8 поради постепеното стекнување на колективен имунитет, а со почетокот на вакцинацијата и дополнително да се намали. Највисоката вредност била на почетокот на јули кога достигнала 2.5.