Граѓаните да одржуваат лична хигиена и да се придржуваат до препораките за коронавирусот, рече министерот Филипче

Your browser doesn’t support HTML5

Владата препорачува граѓаните да не патуваат во Италија и во другите земји каде е регистрирано поголемо присуство на овој вирус

Сите основни и средни училишта, како и универзитетите да ги одложат предвидени патувања и екскурзии во Италија, а на граѓаните им се препорачува да не патуваат во оваа и во другите земји каде е регистрирано поголемо присуство на коронавирусот – ова се дел од заклучоците усвоени на денешната владина седница.

„Апелираме да не се патува без некоја посериозна потреба во Италија, особено северна Италија. Апелирам и до граѓаните за одржување лична хигиена. Сите кои дошле од критичните региони да се придржуваат до препораките на институциите“, изјави министерот за здравство Венко Филипче.

Од двата сомнителни случаја – кај првиот, патник од Италија, не е утврдено присуство на коронавирус. Вториот случај на патник што долетал од Дубаи, каде поминал 6 дена, се` уште се испитува.

Од вчера функционира кризна група која ја следи ситуацијата. Во случај на потреба подготвени се 150 легла во 4 болници. Министерот повикува на смиреност и побара да не се крева паника. Дополнително, Владата го задолжи ресорот здравство да формира постојан центар за информирање на јавноста.

„Апелирам до јавноста да не паѓа на лажни вести, да не се креира паника. Ние сме на располагање 24 часа“, рече Филипче.

Последните инфоирмации се дека во најпогодените делови од северна Италија каде има голема иселеничка заедница од земјава нема заразени македонски граѓани.