Гласот на Америка и Радио Слободна Европа имаат огромно значење во водењето на таканаречна мека дипломатија, изјави републиканскиот конгресемен Френсис Руни за Руската редакција на Гласот на Америка кој, меѓудругото, ја истакна потребата од меѓусебна соработка на САД и Европската унија во борбата против руската агресија во Европа.
„Разговарав со луѓе кои живееле во Романија, и на кои радиото им ја оддржало нивната надеж за слобода, додека конечно не ја извојувале“, вели Руни.
Тој го истакна и случајот на Иран, каде денес иранскиот народ, преку слушање радио, одговори со барање на демократија.
„Порано или подоцна работите ќе се подобрат“, смета Руни, нагласувајќи дека се надева оти истото ќе се случи и во Русија.
„Можеме да промовираме демократија преку Гласот на Америка, Радио Слободна Европа и преку други алатки на `мека` дипломатија“, истакна тој, нагласувајќи ја моќта на надворешната политика преку индиректен начин на делување.