Шарената револуција во Македонија и обоените револуции во историјата

Your browser doesn’t support HTML5

Разговор со професорката на Универзитетот Џорџ Вашингтон Шерон Волчик, истражувач на изборните револуции

Шарената револуција во Македонија може да доведе до промена на власта, исто како што изборните револуции во историјата урнале многу режими, смета професорката по политички науки и меѓународни односи на Универзитетот Џорџ Вашингтон Шерон Волчик, која има направено истражувања за обоени или изборни револуции, со специјализација за Балканот.

Според неа, клучната разлика меѓу македонската Шарената револуција и изборните револуции, е оти овие протести се спонтани и не се дел од изборната кампања.

„ Има бројни аспекти од тие искуства, кои јас мислам дека се многу релевантни за тоа што се случува сега во Македонија, иако има некои разлики. Една од тие разлики е дека во Македонија, досега протестите не се дел од изборната кампања, и не се разгорени од вистински или воочени изборни злоупотреби. Место тоа, тие се поврзани со скандалот со прислушуваните материјали, со актот на претседателот во обид да помилува луѓе вклучени во тој скандал и да ги запре истрагите“, вели Волчик.

Волчик го нагласува и поттикот за протестирање во Македонија, како различен од мотивите во изборните револуции. Според неа, во овој случај тие се поврзани со криминал, злоупотреби и корупција.

Најдиректната паралела на тоа што се случува во Македонија сега е „Евромајдан“
Шерон Волчик, професорка на Универизтетот Џорџ Вашингтон

Најдиректната паралела на тоа што се случува во Македонија сега е „Евромајдан“, вели таа. Тие протести довеле до заминување на лидерот во Украина, без избори, и таа тоа го гледа како опција и овде.

Таа зборува за изборните или обоените револуции, како сериозни настани што се случиле од 1998 до 2005, почнувајќи во Словачка, каде преку мобилизација на граѓаните и масовното движење е спречен Владимир Мечјар да формира Влада, што, пак, ја вратило Словачка назад на патот кон ЕУ и кон НАТО.

„Изборниот модел потоа се пресели во Хрватска каде, иако Фрањо Туџман веќе беше починат, сепак моделот помогна противниците да ги победат неговите приврзаниции и ХДЗ. Во Србија, таа се надоврза на постоечки протест и граѓанско движење, и доведе до отстранување на Милошевиќ. Во Грузија во 2003 беше малку различно, бидејќи Едуард Шеварднадзе не беше за избори, но парламентарните избори и кампањата сепак доведоа до негова замена. И, се разбира, портокаловата револуција во Украина во 2004 година, а тука е и револуцијата во Киргистан, која не е чист пример за овој модел“, објаснува таа.

Од разговорите со учесници во изборните револуции, додека ги правела истражувањата, професорката сфатила дека најважната лекција е оти промената може да дојде ако има надеж и оптимизам кај граѓаните.

На нашето прашање што може Шарената револуција да научи од овие револуции за да се случи промена, Волчик вели:

„Од искуставата на овие револуции би рекла дека, иако граѓанското општество во суштина се сомнева во политичките лидери, важно е на некој начин да направи сојузништво со опозицијата за следните избори, бидејќи тое се оние што треба да бидат на власт, тие се оние што се посветија или кои сакаат да земат активна политичка улога. Важно е таквите сомневања да се надминат до ниво до кое тоа е возможно, и да формираат некакво сојузништво со опозицијата, па да биде одбрано најдоброто од лошото, ако на таков начин гледаат на тоа“.

Иако граѓанското општество во суштина се сомнева во политичките лидери, важно е да се направи сојузништво со опозицијата за следните избори
Шерон Волчик, професорка на Универзитетот Џорџ Вашингтон

Волчик вели дека нема граница до кога протестите можат да останат ненасилни, и дека тоа зависи од реакцијата на режимот.

Таа тврди дека студентите се многу важна сила која може да доведе до демократски напредок во државата, и порача:

„Прво да гласаат, и да сфатат дека гласањето не е само досадна граѓанска должност или нешто што ќе донесе друга гарнитура со ист вид на лидери, туку нешто што всушност може да донесе промена. Значи мобилизирање на луѓето да гласаат, и да гласаат за опозицијата. Тоа вклучува активирање на групи на граѓанското општество, кои ќе ги информираат граѓаните за нивното право да гласаат, да ги охрабрат да излезат и да гласаат, и да ја предочат разликата меѓу Владата и опозицијата“.

Волчик сугерира Македонија да ги прооучи претходните искуства бидејќи извесен демократски напредок не гарантира линеарен прогрес кон формирање функционална демократија.