Клинтон: Нападот во Бенгази резултат на растечка џихадистичка закана

Американските законодавци ја критикуваа првата дипломатка на државата за постапките во врска минатогодишниот напад на американското претставништво во Бенгази, Либија.
Државната секретарка Хилари Клинтон сведочеше пред сенатската Комисија за надворешни работи за прв пат за нападот на 11-ти септември 2012-та.

Меѓу нејзините најголеми критичари беше некогашниот претседателски кандидат, сенаторот Џон Мекејн.

„Има многу прашања за Бенгази кои се неодговорени, и одговорите што вие ги имате утринава, отворено кажано, не се задоволувачки“, рече Мекејн.

Републиканскиот сенатор Боб Коркер кажа дека пропустите во обезбедувањето посочуваат на поголем проблем:

„Се чини дека Бенгази симболизира токму неподготвеност на нашата нација кога се работи за Северна Африка“.

Клинтон се согласи.

„Нека нема забуна. Ни треба подобра стратегија“.

Републиканскиот сенатор Рон Џонсон го постави прашањето за тоа како администрацијата се справила со нападот:

„Бевме заведени да веруваме дека се работи за протести кои на некој начин се претвориле во напад. А тоа не било факт. И американскиот народ тоа требало да го знае порано“.

Државната секретарка на заминување рече дека само обвинување не е од помош:

„Факт е дека имаме мртви Американци. Дали тоа било заради протест или заради тоа што некој излегол на прошетка и решил да убива Американци, не прави разлика во овој момент. Наша задача е да утврдиме што се случило и да сториме се` во наша моќ тоа да не се случи повторно“.

Клинтон даде и свое предупредување, велејќи дека постои растечка џихадистичка закана низ северна Африка.

„Мора да признаеме дека има глобално движење. Може да убиваме лидери, но додека не помогнеме да се воспостави силно демократско општество, ќе бидеме исправени пред ова ниво на нестабилност“, рече таа.

Подоцна во денот, секретарката Клинтон замина на распит во Претставничкиот дом, пред Комисијата за односи со странство.

Ова е најверојатно нејзино последно сведочење пред Конгресот пред да ја напушти функцијата во блиска иднина. Претседателот Барак Обама го номинираше сенаторот од Масачусетс Џон Кери да ја замени на функцијата.