Ќе се отвори ли истрага за Клинтон?

За време на сведочењето пред конгресната комисија, главниот правобранител на САД, Џеф Сешнс рече дека тој води консултации со федералните обвинители за тоа дали да се отворат истраги за голем број прашања што ги покренаа републиканските законодавци, меѓу кои поврзани со Хилари Клинтон.

Претседателот на Комисијата за правосудство во Претставничкиот дом, конгресменот Роберт Гудлејт го повтори своето барање до Сешнс, кое првично го направи во јули и септември - да назначи специјален советник за испитување на наводите за заговор меѓу кампањата на Клинтон и Демократскиот национален комитет, прашања поврзани со нејзината употреба на приватната електронска пошта додека служеше како државна секретарка, како и приходите за Фондацијата Клинтон и купувањето на американски рудници за ураниум од страна на компанија поддржана од Русија.

Во своето сведочење, Сешнс рече дека тој презема чекори во тој поглед.

Демократските законодавци го запрашаа Сешнс за контактите на изборната кампања на Доналд Трамп со руски оперативци, по веста дека поранешниот советник за надворешна политика на кампањата на Трамп, Џорџ Пападопулос на почетокот на октомври се изјаснил за виновен за лажење на федералните агенти кои водат истрага за поврзаноста на кампањата на Трамп за врските со Русија.