Внатрешен ревизор на Одделот за правда остро го критикуваше поранешниот директор на Федералното истражно биро (ФБИ) Џејмс Коми, за истрагата на електронските пораки на претседателската кандидатка Хилари Клинтон за време на изборната кампања во 2016-та година, но, рече дека истражителите не пронашле докази оти Коми бил политички мотивиран при водење на случајот.
Во долгоочекуваниот извештај, главниот инспектор Мајкл Хорвиц ги истражувал контроверзните чекори на Коми, вклучувајќи јавно ослободување на Клинтон среде кампањата, и повторно отворање и затворање на истрагата, во пресрет на претседателските избори во ноември пред две години.
Инспекторот напишал дека потегот на Коми да ја ослободи демократската кандидатка од каква било злоупотреба на прес- конференција на 5-ти јули 2016-та година, без да го информира главниот правобранител, бил неочекуван и непослушен, додавајќи дека и неговата одлука да испрати писмо до членовите на Конгресот на 28-ми октомври, за да ги информира за повторното отворање на истрагата, и покрај противењето на главниот правобранител, било сериозна грешка.
Ваквите погрешни чекори на Коми и на други официјални лица во ФБИ и Одделот за правда, направиле штета на кредибилитетот на ФБИ, заклучил Хорвиц во ревизијата на истрагата, која е забележана на 500 страници. Извештајот бил подготвуван 18 месеци.
„Иако не најдовме докази дека ваквите одлуки на Коми биле политички мотивирани, сепак заклучивме дека јасното непочитување на нормите негативно се одразиле врз перцепцијата на ФБИ и Одделот за правда“, напишал Хорвиц.
Коми стои зад неговите чекори. На истражителите на ФБИ им рекол дека се нашол во ситуација, при која морал да одлучи да ги сочува кредибилитетот и интегритетот на Одделот за правда и Федералното истражно биро.
Вчера, во Твитер порака, Коми напиша дека закулучоците на главниот инспектор се разумни, но, оти тој не се согласува со дел од нив.