Поранешниот американски претседател Барак Обама, денес, на Климатската конференција на Обединетите нации (ОН) во Глазгов, изјави дека повеќето држави не ги исполниле обврските преземени со Договорот за климатски промени од Париз во 2015 година, и оти светот не ни малку близу до таму каде што треба да биде за заштита на животната средина.
Зборувајќи за време на втората недела од Климатската конференција, Обама рече дека иако Парискиот договор покажал што се `е можно да се направи за да се адресира климатската криза, повеќето нации не успеале да бидат амбициозни како што требалe да бидат.
„Ескалацијата, засилувањето на амбициите што ги очекувавме во Париз пред шест години не се реализирани“, рече Обама.
Тој нагласи дека е особено обесхрабрувачки тоа што лидерите на најголемите загадувачи Кина и Русија одбиле дури и да присуствуваат на конференцијата.
Претседателот на Кина Шји Џјинпинг, минатата недела ги повика другите нации да ја „засилат соработката“ и да работат кон исполнување на климатските цели, иако не прифати нови заложби.
Обама рече дека развиените економии како САД и Европа треба да бидат водечки по ова прашање, но, истото да го прават и Кина, Русија и Индија.
„Не можеме да дозволиме никој да седи настрана“, рече Обама.
Обраќајќи им се на младите, тој ги охрабри да „гласаат како вашиот живот да зависи од тоа, бидејќи зависи“.
Обама рече дека го разбира нивниот цинизам кон политиката, но, оти владите ширум светот нема да дејствуваат доколку не почувствуваат притисок од гласачите.
Климатска конференција на ОН е прва за Обама, откако тој помогна во реализацијата на Парискиот климатски договор од 2015 година, со кој државите се обврзаа да ги намалат фосилните горива и емисиите на јаглерод дикосид за да го одржат затоплувањето на планетата под катастрофалните нивоа.
Претседателот Џо Бајден минатата недела во Глазгов најави амбициозен план за адресирање на климатските промени.
Дел од информации во текстот се преземени од Асошиетед прес, Ројтерс и Франс прес