Францускиот претседател Емануел Макрон е домаќин на Самитот на светски филантропи, со цел да ги охрабри инвестициите поврзани со климатските промени.
Макрон рече дека отфрлањето на Договорот за климатски промени од Париз од страна на американскиот претседател Доналд Трамп, помогнало во зајакнувањето на самиот договор.
„Одлуката на претседателот Трамп да го напушти Договорот за климатски промени, беше почеток на ново поглавје. Верувам дека тоа создаде голем момент за нашите колективни напори. По неговата одлука се забрза ратификацијата. Се` повеќе земји стануваат дел од клубот и го ратификуваат договорот. Тоа беше голем шок за многумина, кои велеа дека тоа е првата земја што одлучи да го напушти тој клуб. Тоа претставува ризик“.
Макрон додели грантови вредни милиони долари за да привлече американски и други светски научници во Франција. Програмата има за цел спротивставување на одлуката на Трамп.
Поранешниот американски државен секретар Џон Кери, кој присуствува на собирот, рече дека отфрлањето на Договорот за климатски промени од Париз, не е показател за она што се случува во поголем дел од САД.
„Имаме 38 земји кои имаат закони за обновливи извори на енергија. Имаме 90 градови, најголемите градови во САД и нивните градоначалници кои се посветени на исполнување на ветувањата од Париз. Околу 80 проценти од американското население е во тие 38 држави, и тие остануваат посветени. Ние ќе останеме на вистинскиот пат“, изјави Кери.
Самитот се одржува по две години откако 195 земји го усвоија Договорот за климатски промени, којшто има за цел да го одложи најлошото сценарио кое може да се случи од глобалното затоплување.
Без трилионите долари инвестиции во чиста енергија, целта за одржување на глобалното затоплување под два степена Целзиусови во споредба со пред-индустриските нивоа, ќе остане неостварливо, предупредуваат експертите и учесниците.