Одбележана годишнината од формирањето на комунистичката армија на Кина

Кинескиот претседател Ши Џинпинг ја одбележа 90-та годишнина од формирањето на вооружениот дел на владејачката Комунистичка партија, со декларација дека неговата земја никогаш нема да даде никаков дел од својата територија на надворешни сили.

Тој пораката ја искажа пред партиски функционери и виши офицери на Народната ослободителна војска во Пекинг.

„Никогаш нема да дозволиме поединец, организација или политичка партија, во кое било време да оддели дел од кинеската територија“.

Кина е вклучена во бројни територијални спорови, особено во Јужното Кинеско Море, кадешто неколку вештачки острови беа претворени во воени инсталации, игнорирајќи ги интересите на своите азиско-пацифички соседи.

Под раководство на Ши, Кинеската народна ослободителна армија работи на амбициозна програма за модернизација, воведувајќи нови технологии и носачи на авиони, во обид да им парира на САД.