Вонредна состојба во Чиле - петмина загинати, запалени автобуси и метро станици

Протестите и насилството продолжија во Чиле во неделата и покрај повлекувањето на одлуката за зголемување на цената на билетите за метро што предизвика масовни демонстрации.

Безбедносните сили во главниот град Сантијаго со водени топови и солзавец ги растеруваа демонстрантите, кои излегоа на улиците и покрај одлуката на претседателот Себастијан Пињера да се откаже зголемувањето на цената.

Официјални лица во регионот Сантијаго соопштија дека три лица загинале во пожар во ограбен супермаркет рано во неделата, а две лица биле застрелани за време на операцијата за приведување на ограбувачите.

Претседателот Пињера прогласи вонредна состојба како одговор на насилството, под чиј налет се запалени автобуси, метро станици, продавници и згради со канцеларии, а штетите се проценуваат на милиони долари.

Од меѓународниот аеродром во Сантјаго летовите беа откажани, бидејќи членовите на екипажот и персоналот на аеродромот не можеа да стигнат на работа поради сообраќаен застој во градот.