Цртежите на децата на децата на рана возраст може да бидат еден од раните индикатори за тоа колку ќе бидат интелигентни како тинејџери.
Психолозите од Центарот за генетска и развојна психологија на Кралскиот колеџ во Лондон побарале од 15.500 деца на четиригодишна возраст (еднојајчени и двојајчени близнаци) да нацртаат дете. Тие потоа ги оцениле цртежите според скала од 0 до 12, врз основа на вклучените детали (на пример, глава, коса, очи, нос, нозе и уста) и прецизноста со која биле нацртани. Децата исто така биле тестирани вербално и невербално за степенот на интелигенција. Кога наполниле 14 години, повторно им бил направен тест за интелигенција.
Тинејџерите чии цртежи како деца биле најдобро оценети, најчесто имале и подобар коефициент на интелигенција, и на 4-годишна, и на 14 годишна возраст.
Истражувачите заклучиле дека квалитетот на цртежите е поврзан со гените што влијаат на интелигенцијата.
Цртежите и коефициентот на интелигенција на еднојајчените близнаци, чија ДНК е идентична, биле слични. Но, цртежите на двојајчените близнаци, што споделуваат 50% од гените, биле поразлични и веројатноста да имаат нееднакви коефициенти на интелигенција била поголема.
Резултатите од истражувањето се објавени во журналот Психолошка наука.
Научниците истакнуваат и дека ги увериле родителите на децата чии цртежи добиле помали оценки дека не се работи за судбина, туку дека врз интелигенцијата влијае голем број на различни фактори, на пример искуството стекнато од средината.