Меѓународната организација на трудот (МОТ) повикува на елиминација на детскиот труд, во кој жртви се милиони деца во светот. Деца на возраст од пет години се меѓу 152 милиони жртви на искористување на детскиот труд. Многу од нив работат за мала или никаква плата.
Меѓународната организација на трудот објави дека речиси половина од нив работат во услови опасни по здравјето. Од таму велат дека мнозинството работат во земјоделството, како и во рударството, градежништвото, риболовот и домашни помошници.
Бит Андрес е шеф на Одделот за фундаментални принципи и права на работното место на МОТ. Таа за Гласот на Америка изјави дека деца се заробени во најлоши форми на детски труд, како што се должничко ропство и проституцијата и им се нанесува непоправлива физичка и психолошка штета.
Андрес вели дека во Азија и Латинска Америка е направен извесен напредок во намалувањето на детскиот труд, но во Африка состојбите се влошуваат.
„Не значи дека ова е поврзано со недостаток на акција, туку е поврзано со демографските движења, миграцијата, климатските промени и економски причини, кои во поединечни региони се одразува различно.“
И покрај овој загрижувачки тренд, Андрес вели дека е за поздравување што Африканската унија презема одлучувачки мерки за справување со овој проблем, кои се во согласност со целите на ОН за одржлив развој.