Професионално телевизиско студио со камери, светла, глува соба, миксети за снимање и пренос во живо се дел од новиот Центар за иновации во медиумите што денеска беше свечено отворен во рамките на Студиите по новинарство на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.
Опремувањето на просторот, набавката на опремата, стручните совети се со финансиска поддршка од САД, преку Американската амбасада, како и од факултетот за новинарство и комуникации „Волтер Кронкајт“ од Државниот универзитет во Аризона, САД.
Амбасадорката на САД, Анџела Агелер истакна дека после судството, помагањето на развојот на независните медиуми во Северна Македонија е второ по ред според сумите што се вложуваат за помагање на медиумскиот простор.
Your browser doesn’t support HTML5
„Доброто новинарство бара критичко размислување, храброст и широко разбирање на политичката и социјалната средина во која се работи. Доброто новинарство е нешто што сите можеме да го препознаеме. Тоа е добро пишување во комбинација со вистинска анализа и емпатија. Доброто новинарство, сепак, не е ПР и не е пропаганда. Сите го препознаваме и тоа“, истакна Агелер.
Медиумската лабораторија, се надевам, ќе го издигне профилот на новинарството и ќе ја инспирира следната генерацијаАнџела Агелер, амбасадорка на САД
Таа изрази надеж дека Медиумскиот центар ќе помогне во развојот на македонското независно новинарство и ќе го зголеми интересот кај младите да ја работат таа професија.
„Медиумската лабораторија, се надевам, ќе го издигне профилот на новинарството и ќе ја инспирира следната генерација. Ајде заедно да го обновиме нашето ветување за градење и поддршка на слободата и професионализмот на медиумите. Ве молиме, менторирајте ги младите студенти, бидете проактивни при регрутирањето и посветете се на одржливи, слободни и независни медиуми. Можеме да направиме разлика со заедничко дејствување“, истакна Агелер.
Сашо Георгиевски, декан на Правниот факултет „Јустинијан Први“, посочи дека со новиот модерно опремен простор ќе им се овозможи на сегашните и идните студенти да создаваат продукти што ќе им помогнат во нивните студии, но и во понатамошниот професионален развој.
„Целта преку студиото и Центарот за медиумски иновации е да ја подигнеме свеста кон новинарската професија“, рече Георгиевски.
Годинава само шест студенти се запишаа на Студиите по новинарствоЈасна Бачовска, Студии по новинарство
Годинава, како што истакна Јана Бачовска, професорка и координатор на Центарот за медиумски иновации, на студиите по новинарство се запишале само шестмина.
„Имаме проблем за привлекување на идни професионалци што би ја работеле новинарската професија. Се надеваме дека преку овие проекти и преку други идни проекти, ќе се разбуди поттикот кон овие студии што ќе доведе до поголем квалитет во новинарството“, меѓу другото посочи професорката Бачовска.
Центарот за медиумски иновации е замислен како мал професионален мултимедијален медиум. Опремен е со камери, студиска опрема, компјутери, простории за аудио снимања, како и за создавање подкасти.
Покрај координаторката Бачовска, во неговото функционирање ќе бидат вклучени студенти од Правниот факултет. Центарот ќе биде достапен и за студенти од другите факултети, каде би имале можност за создавање медиумско информативни содржини.