Шпанија денес го одбележува националниот празник во сенка на најголемата политичка криза во земјата по неуспешниот државен удар кој се случи пред четири децении.
Шпанците излегоа на улиците на Мадрид, носејќи национални знамиња. Унионистите ја искористија воената парадата за да покажат единство пред потезите на Каталонија за прогласување на независност.
Намерата на развиениот регион да се отцепи од државата ја втурна Шпанија во најлошата политичка криза по обидот за воен удар од 1981-та година.
Премиерот Мариано Рахој денеска издаде ултиматум до каталонскиот претседател Карлес Пуџдемонт, од кого бара до понеделник да се изјасни дали официјално прогласил независност на североисточниот регион. Ако Пуџдемонт потврди дека тој навистина прогласил независност на Каталонија, тогаш Рахој вети дека во рок од неколку дена ќе го активира членот 155 од Уставот на Шпанија, ќе ја суспендира полуавтономијата на Каталонија и ќе наметне директна власт врз регионот.
Мнозинството од гласачите на Каталонија гласаа за отцепување од Шпанија на референдумот кој се одржа на 1-ви октомври. Пуџдемонт прогласи независност на Каталонија во вторникот, за време на говор пред регионалниот парламент, но ја одложи имплементација за неколку недели, за да овозможи преговори меѓу сепаратистите и мадридската влада.
Влогот е висок. Шпанија би можела да изгуби околу една петтина од нејзината економија и повеќе од 25 проценти од нејзиниот извоз, ако Каталонија се одвои.