Каталонија наскоро може да прогласи независност

И покрај предупредувањето на шпанскиот крал, Фелипе VI за заканата по националната стабилност, водачот на каталонската регионална влада, Карлес Пуџдемонт вети дека ќе продолжи со плановите за донесување на декларацијата за независност.

Пуџдемонт за „Би-Би-Си“ (BBC) изјави дека регионалната влада ќе дејствува откако целосно ќе бидат преброени гласовите.

Каталонските власти соопштија дека 90 отсто од гласачите биле за отцепување од Шпанија и прогласување на независна република. Виш суд претходно го прогласи референдумот за неважечки.

Локалните власти соопштија дека околу 900 лица биле повредени во конфронтација со полицијата, чија интервенција предизвика меѓународна критика и повик за дијалог меѓу Мадрид и регионалната влада.

Поради работничките штрајкови и протести беше прекинат транспортот и бизнисите низ Каталонија.

Шпанските власти истражуваат две лица припадници на полициските сили во Каталонија за бунт поврзан со насилните протести. Наводно, полицијата на Каталонија не се обидела да ги спречи немирите што избувнаа откако националните полициски сили извршија упад врз регионалните владини канцеларии во обид да го задушат движењето за независност.

Водачите на две граѓански групи за независност, исто така, се предмет на истрага по слични обвиненија, изјави портпаролот на судот.