Бугарските клубови нотирани во извештајот за верски слободи на Стејт департментот

  • VOA Macedonian

Нотирани се разликите меѓу Владата и Тетовската бекташка заедница околу регистрацијата на оваа религиозна група.

Новиот статус на Македонската православна црвка – Охридска архиепископија не беше целосно решен на крајот на годината, се наведува во извештајот на Стејт департментот за верски слободи од 2022 година. Американската влада наведува дека Всленскиот патријарх на Источната православна црква ја призна МПЦ-ОА како канонска, како ставање крај на долгиот период за непризнавање од страна на глобалната православна црква.

„Српската православна црква (СПЦ), од која МПЦ-ОА се отцепи во 1967 година, ја призна автокефалноста на МПЦ-ОА, иако некои црковни набљудувачи изјавија дека само Вселенскиот патријарх има право да дава автокефалност“, се наведува во извештајот на Стејт департментот.

Во него, наведен е ставот на ИВЗ дека владата продолжува да покажува фаворизирање кон МПЦ-ОА, иако бил забележан напредок на односите релација ИВЗ-Влада.

„Претставници на амбасадата се сретнаа со поглаварот на МПЦ-ОА, Архиепископот Охридски и Македонски Стефан и водачот на ИВЗ, Реис Шаќир Фетаху, на разговори околу прашањата за верските слободи, вклучително и перцепцијата за владиното фаворизирање кон одредени верски групи. Тие, исто така, се сретнаа со претставници на други религиозни групи за да разговараат за односот на владата кон помалите групи и почитувањето на нивната верска слобода. Во текот на целата година, амбасадата ги користеше социјалните мрежи за ширење пораки кои ја нагласуваа важноста на верската слобода“, нотираат САД.

Американската влада наведува дека минатата година во Северна Македонија продолжија да се разгледуваат измените на законот со кои би се овозможил поединечни цркви и џамии да добијат правен статус, што е барање на МПЦ-ОА и Исламската верска заедница во Северна Македонија.

Нотирани се разликите меѓу Владата и Тетовската бекташка заедница околу регистрацијата на оваа религиозна група. Стејт департментот забележал дека заедницата повторно не поднела апликација за регистрација бидејќи била загрижена дека ќе мора да го промени своето име.

Била повикана полиција да го зачува мирот.
дел од извештајот на Стејт департмент за Северна Македонија

„Членовите на тетовските бекташи повторно пријавија малтретирање од страна на владата, членовите на Бекташка верска заедница и отцепената тетовска група која се обиде да го преземе светилиштето во август; била повикана полиција да го зачува мирот. Светскиот лидер на Бекташите побара од владата да ја заштити верската слобода на тетовските бекташи и да одговори на, како што рече, провокациите и заканите на социјалните мрежи против заедницата“, нотира Стејт департментот.

Во извештајот е наведено дека средните училишта со кои раководат МПЦ-ОА и ИВЗ кон крајот на годината останаа неакредитирани и ова спречи ученици да се запишат на универзитети.

Американската влада во годишниот извештај за меѓународна верска слобода се осврна и на отворањето на бугарските клубови во Северна Македонија.

„Еврејската заедница соопшти дека отворањето на два бугарски културни клуба именувани по поединци кои работеле со Германците во Втората светска војна, го навредува споменот на Евреите од Северна Македонија кои загинале во логорот на смртта Треблинка. Демонстрантите и полицијата се судрија на отворањето на еден од клубовите. По протестите, на 2 ноември, парламентот ги измени релевантните закони за забрана на регистрација и работа на ентитети кои ги носеа имињата и симболите на нацизмот, националсоцијализмот или на Третиот рајх или се залагаа за нетолеранција, омраза, фашизам. Медиумите објавија еден инцидент на вандализам врз манастир лоциран во мнозинско муслиманско подрачје и 13 инциденти на кражби од цркви, манастири и џамии во текот на годината“, се наведува во извештајот.

Државниот секретар, Ентони Блинкен изјави дека извештајот дава сеопфатен преглед заснован на факти за состојбата на верските слободи во речиси 200 земји и територии низ целиот свет.

САД ќе продолжат да стојат со и да ги поддржуваат храбрите поборници за верска слобода. Ќе продолжиме да се залагаме за верска слобода во земјите каде што правата се на удар, и јавно и директно во нашиот ангажман со владините претставници. Ќе продолжиме да работиме за да ја браниме и промовираме верската слобода овде дома, вклучително и преку меѓуагенциската група што претседателот Бајден ја создаде во декември за борба против верската пристрасност и дискриминација“, изјави Блинкен на прес-конференција во Вашингтон.