Бројот на азиско-американски гласачи во САД се зголемил за два милиона од последните избори

Your browser doesn’t support HTML5

Азиските Американци се најбрзо растечката група со право на глас во САД, според Истражувачкиот центар Пју. Тоа ги прави важен фокус на претседателските кандидати Џо Бајден и Доналд Трамп. Дописникот на Гласот на Америка Скот Стернс за ова.

На овие претседателски избори во САД има два милиона повеќе азиско-американски гласачи отколку кога Џо Бајден и Доналд Трамп првпат се соочија пред четири години, според Истражувачкиот центар Пју.

Тоа зголемување ги прави гласачка сила што може да ја направи разликата меѓу Бајден и Трамп во блиските изборни трки, вклучително и во сојузните држави Аризона, Џорџија и Невада, вели активистката Кристин Чен.

„Кога кампањите бараат дополнителни гласови бидејќи изборите се добиваат со мала разлика, тие навистина треба да го погледнат електоратот - азиски Американци. Затоа што во 2020 година, над 21% од нашиот електорат првпат гласаше. Значи, ние сме многу мотивирани“, вели Чен.

Што очекуваат мотивираните азиско-американски гласачи од претседателот? Гласот на Америка излезе и праша некои од нив.

„Јас барам добра енергија кај претседателот, да има добро размислување, да носи правилни одлуки, а не само да чека од персоналот околу него да го направи тоа“, вели Самнанг Хоеум, гласач.

„За мене не се важни годините. Се` додека можат да ја завршат работата и можат да им помогнат на сите граѓани да добијат подобри работни места, добра можност за бизнис, да се обидат да не` заштитат од војна. Тоа е главна работа за сите, верувам“, смета Хангканха ДеСалво, гласач.

„Би сакала да видам повеќе помлади луѓе на власт бидејќи имаат повеќе време, а особено имаат повеќе сила. Не е дека постарите немаат, но време е за нова генерација“, додава Софиа Оумрет, гласач.
Азиските Американци, жителите на Пацификот и домородните хавајски гласачи, се најмногу мотивирани од економската и надворешната политика, според анкетата на Асошиетед прес кон крајот на минатата година, при што приближно тројца од 10 кои велат дека нивните приоритети се инфлацијата и имиграцијата.

Азиско-американските гласачи беа фактор на конгресните избори во Пенсилванија пред две години, и се очекува да бидат во фокусот на двете кампањи во оваа сојузна држава, која може да се наклони на која било страна на претседателските избори во ноември.