Британскиот премиер Борис Џонсон и натаму се соочува со критики поради неговиот потег за суспендирање на парламентот до средината на октомври, само неколку недели пред планираното излегување на Велика Британија од Европската унија.
Неговиот потег во средата го предизвика гневот на законодавците кои се спротивставија на планираното повлекување од ЕУ на 31 октомври без договор, како и на скратувањето на времето во кое треба да се обидат да го избегнат ризикот од хаотично излегување од Европската Унија.
Тоа беше причина и за протести кои се одржаа пред парламентот, како и во други градови. Интернет-петиција против неговата одлука потпишаа повеќе од еден милион луѓе.
Ваквите случувања, исто така, предизвикаа бранувања во рамките на Конзервативната партија на Џонсон поттикнувајќи обвинувања од критичарите дека владата се заканува на демократијата на Велика Британија со тоа што ги отфрли нормите на непишаниот устав на земјата.
Лидерот на Долниот дом, Јакоб Рис-Мог, сепак, застана во одбрана на потегот на Џонсон. Во интервју за Би-Би-Си тој рече дека реакциите се „лажни“ и дека се предизвикани од луѓе кои „не сакаат придобивки од напуштањето на Европската унија“.
Министрите за надворешни работи и одбрана на Европската унија, кои се состанаа денеска во Хелсинки, ја повикаа Велика Британија да се определи за уреден Брегзит.
Некои министри, вклучувајќи го и холандскиот министер за надворешни работи, Стефан Блок, предупредија дека суспензијата го зголемува ризикот од хаотично излегување.
„За никого не е од интерес Брегзит без договор“, рече Блок.