Лесни борбени возила JLTV, одела за деминирање, робот за отстранување експлозиви, тактичка вежба на армиските ренџери беа дел од повеќето активности и опрема што македонската армија ги покажа денеска на отворениот ден за граѓаните.
Настанот се одржа на армискиот стадион во Скопје, а по повод 75-години од основањето на НАТО и четири години членство на Северна Македонија во Алијансата. Присуствуваше и претседателот на државата и врховен командант на армијата, Стево Пендаровски.
Your browser doesn’t support HTML5
Полковникот Васил Митевски од Командата за операции истакна дека му е чест што граѓаните на Скопје можат да се запознаат со дел од армиската опрема и порача дека членството во НАТО е важно од безбедносен аспект, но и во однос на соработката со сојузниците.
„За нас како Армија членството во НАТО претставува една голема можност за соработка со сите НАТО партнери со цел зголемување на нашите способности, како и способностите коишто треба да ги исполниме во НАТО Алијансата“, рече полковникот Митевски.
Со опрема и персонал беа претставени и специјалните сили, баталјонот на Воената полиција, Воено-медицинскиот центар, воздухопловниот ВИНГ, како и армиските кучиња.
Пред присутните настапи армискиот оркестар, а граѓаните можеа да го пробаат и неодминливото војничко гравче што се служење од армиска кујна.
Слични отворени денови македонската армија во изминатиот период одржа во повеќе градови низ државата.