Која е функцијата на трепкањето на очите?

Група научници велат дека трепкањето е повеќе отколку подмачкување на очното јаболко.

Во просек, луѓето трепкаат десетици илјади пати на ден, и додека порано се мислело дека трепкањето служи главно за подмачкување на очното јаболко, една нова студија покажала дека тоа има многу поголема улога.

Меѓународен тим на истражувачи предводен од Универзитетот на Калифорнија, Беркли, во напис објавен во журналот „Актуелна биологија“, велат дека трепкањето е репозиционирање на очното јаболко, за да може да останеме фокусирани на она што го гледаме.

Според истражувачите, кога трепкаме, нашите очи се враќаат назад во очната шуплина, не не секогаш се враќаат на истата позиција. Ова му дава сигнали на мозокот да ги поттикне очните мускули да го „прегрупираат нашиот вид.“

„Нашите очни мускули се мошне слаби и непрецизни, па поради тоа мозокот треба постојано да ги корегира моторните сигнали, за да биде сигурен дека очите се вперени онаму каде што треба“. вели авторот на студијата Герит Маус, асистент на Катедрата за психологија при Универзитетот за технологија во Сингапур. „Нашите наоди покажуваат дека мозокот ја мери разликата на она што гледаме пред и после трепкањето, и на очните мускули им дава наредба за корекција, додава Маус.

Без да постојат овие корекции, видот ќе биде матен и непостојан. Овој механизам има улога исто како „статив на умот“.

За да го докажат тоа, истражувачите, како што велат, го направиле најдосадниот експеримент досега - учесниците седеле во темна просторија, гледајќи во една точка на монитор. Со помош на камери со инфрацрвени зраци, се следеле трепкањата и движењето на очите.

После секое трепкање, точката на мониторот се поместувала за еден сантиметар на десно, нешто што учесниците не го забележале. Како и да е, мозокот го регистрирал ова движење и ги поттикнал очните мускули да се рефокусираат на точката.

По 30 пати, очите кај испитаниците се прилагодувале на секое трепкање и автоматски се префрлале на местото каде предвиделе дека ќе биде точката.

„И покрај тоа што испитаниците свесно не го забележувале поместувањето на точката, тоа го сторил нивниот мозок, и го корегираше движењето на окото,“ рече Маус. „Ова го засили нашето сознание дека мозокот постојано се прилагодува на промените, давајќи им команди на мускулите да ги поправат грешките во нашето тело, додава професорот Маус.