Државниот секретар на САД, Антони Блинкен, денес отпатува на Блискиот исток откако примирјето меѓу Израел и Хамас стапи во сила рано во петокот.
Ова е прво патување на Блинкен во регионот како врвен американски дипломат. Тој ќе се состане со израелски, палестински и регионални колеги како дел од напорите на Вашингтон да се изгради примирје во Газа.
Секретарот ќе разговара со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху како и други официјални лица во Ерусалим.
„Во Рамалах, тој ќе се состане со претседателот на палестинските власти Махмуд Абас, премиерот Мохамад Штаје и други високи претставници на палестинските власти“, изјави во понеделникот портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс.
САД соопштија дека се посветени на соработката со палестинските власти и ОН за да обезбедат брза хуманитарна помош за Газа.
Бликен ќе го посети и Египет, кој посредуваше во примирјето помеѓу Газа и Израел. Тој ќе се состане со египетскиот претседател Абдел Фатах Ал Сиси и министерот за надворешни работи Самех Шукри.
Државниот секретар на САД ќе го заврши патувањето во Аман за да се сретне со јорданскиот крал Абдула и заменик-премиерот и министер за надворешни работи Ајман Сафади, соопштија од Стејт департментот.