Државниот секретар на САД Ентони Блинкен рече дека иако Русија повлекла дел од силите од регионот кај украинската граница, сепак значител број сили и опрема останале таму, и оти САД сакаат Русија да ги запре неодговорните и агресивни активности.
Зборувајќи со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Киев, Блинкен рече дека Русија „се` уште има капацитет со релативно кратко известување да преземе агресивен потег ако така одлучи“.
„Се восхитувам на контролата која Украина ја покажа за време на тие провокативни акции“, рече Блинкен.
Зеленски рече дека заканата во пограничниот регион останува, и оти Украина не сака никакви изненадувања.
Блинкен, пак, нагласи дека САД ќе ѝ овозможат на Украина безбедносна асистенција, како и дека руските постапки биле тема на опширни дискусии на неодамнешните средби на НАТО и Г-7.
Тој, исто така, рече дека во денешните разговори биле вклучени и договорите од Минск да се стави крај на конфликтот во источниот дел на Украина, каде Русија ги поддржува проруските сепаратисти.
Блинкен додаде дека САД ќе продолжат да бараат начини да се зголемат дипломатските напори да се реши конфликтот, велејќи дека „Русија продолжува да биде тврдоглавата страна“.
За време на состанокот, Зеленски и Блинкен разговарале и за напорите за демократски реформи и борбата против корупцијата.
Блинкен рече дека иако и натаму има значајни предизвици во справувањето со корупцијата, сепак бил направен вистински напредок.