Државниот секретар на САД Ентони Блинкен денес ќе отпатува во Њујорк за да учествува на министерскиот состанок на Советот за безбедност на Обединетите нации за ситуацијата на Блискиот Исток, соопшти портапролот на Стејт департмент Метју Милер.
За време на посетата на Њујорк, Блинкен ќе се сретне и со колеги и претставници на ОН, се вели во изјавата на Милер.
Блинкен и секретарот за одбрана Лојд Остин, изразија загриженост за време на интервју во неделата за војната меѓу Израел и Хамас што ескалира во поширок конфликт на Блискиот Исток.
Американски официјални лица велат дека Вашингтон го советува Израел да ја одложи планираната копнена инвазија на територијата што ја контролира Хамас, за да овозможи повеќе време за преговори за ослободување на повеќе од 200 заложници што ги држи Хамас.
Хамас досега ослободи само двајца американски заложници, мајка и ќерка, по преговорите спроведени преку посредници од Катар.
САД работат со регионалните партнери на Блискиот Исток за да се обидат да ослободат други, но досега безуспешно.
Копнената инвазија веројатно дополнително би ги комплицирала сите преговори за заложниците, при што се верува дека барем некои од нив се чуваат во сложена мрежа од тунели што милитантите ги изградиле во Газа со текот на годините, дури и кога Израел ја блокирал територијата долж Средоземното Море.
Шефот на израелската одбрана Јоав Галант минатата недела им вети на повеќе од 300.000 војници позиционирани долж границата со Газа дека наскоро ќе напредуваат на територијата, но го остави отворено прашањето за времето на инвазијата.
Нејасно е до кој степен барањата на САД за задржување на копнениот напад би можеле да влијаат на израелското донесување одлуки.
Во меѓувреме, министрите за надворешни работи на Европската Унија се состанаа за да го разгледаат барањето за хуманитарен прекин на огнот во Газа и разговараа за начините за внесување поголема витална хуманитарна помош во Газа.
Колони камиони влегоа во Газа за време на викендот и вчера, но шефот за надворешна политика на ЕУ Жозеп Борел, рече дека „во нормални времиња, без војна, 100 камиони влегуваат во Газа секој ден. Значи, јасно е дека 20 [на ден] не се доволни“.
Дописничката од Обединетите нации Маргарет Бешир, придонесе за овој текст. Дел од информациите се од Асошиетед прес, агенцијата Франс-прес и Ројтерс