Американскиот државен секретар Ентони Блинкен в четврток ќе претседава со состанокот на високо ниво на Советот за безбедност на ОН, кој ќе ја нагласи глобалната несигурност со храната и конфликтите што ја влошуваат.
„Со сигурност го знаеме ова: каде што има конфликт, има глад“, им рече на новинарите американската амбасадорка Линда Томас-Гринфилд на прес-конференцијата денес на почетокот на претседавањето со Советот за безбедност.
Таа рече дека Блинкен ќе има „најави и резултати“ в четврток и ги повика нациите да се потпишат на нацрт-комуникето што Вашингтон планира да го издаде на оваа тема.
Томас-Гринфилд, која е претставник на САД во Обединетите нации од февруари 2021 година, рече дека повторно ќе го користи ротирачкото претседателство на Советот за да ја стави глобалната несигурност со храна на врвот на агендата на Советот.
Таа го предводеше Советот од 15 нации двапати претходно во име на САД и се фокусираше на ова прашање.
Годишниот извештај за состојбата на безбедноста на храната објавен минатиот месец од Организацијата на ОН за храна и земјоделство покажа дека светот сè уште се опоравува од економските неуспеси од пандемијата на ковид-19 и се справува со последиците од војната во Украина на пазарите на храна и енергија.
Организацијата на ОН за храна и земјоделство проценува дека 691 до 783 милиони луѓе во светот се соочиле со глад во 2022 година, што е значително повисоко отколку во 2019 година пред пандемијата.
Голем дел од тој глад беше на регионално ниво, при што Африка, Карибите и Западна Азија забележаа зголемено ниво на глад.
Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш предупреди кога Русија се повлече од Иницијативата за црноморско жито на 17 јули дека нејзината одлука „ќе им нанесе удар на луѓето кои имаат потреба насекаде“.
Експертите се согласија, велејќи дека пропаѓањето на договорот негативно ќе влијае на цените на стоките како што се пченицата, пченката и сојата, што на крајот ќе им наштети на посиромашните потрошувачи.
ОН досега не беа успешни да ја натераат Москва да ја повлече својата одлука.
Томас-Гринфилд рече дека Вашингтон видел индикации оти Русија би можела да биде заинтересирана за разговори.
„Она што ни беше кажано е дека тие се подготвени да се вратат на дискусиите“, рече таа.
„Се` уште не сме виделе докази за тоа“.
Таа рече дека ако Русите сакаат да го донесат своето ѓубриво на глобалните пазари и да продолжат да имаат одреден пристап до меѓународните финансиски трансакции, тие ќе мора да се вратат на договорот.
Заменик-амбасадорот на Русија за новинарите денес изјави дека Москва се спротивставува на Советот да закаже какви било состаноци за Украина овој месец.
Томас-Гринфилд рече дека тоа е „мал трик“ и нема да ги спречи САД да ја водат работата на Советот.