Со имиграцијата како важно прашање на гласачите на овие претседателски избори, кампањата на Бајден ги засилува напорите да ги потсети на политиката на администрацијата на Трамп за овој проблем.
Реклама од 50 секунди прикажува слики од деца кои плачат, проследени со некои од антиимигрантските коментари на поранешниот претседател Доналд Трамп.
„Тој сака да ги врати суровите и нехумани политики за одвојување на семејствата што ги одвојуваат децата од нивните родители на границата. Луѓе, ние не сме тоа“, рече Бајден.
Политиката за разделување на семејствата објавена пред шест години доведе до одвојување на повеќе од 5.000 деца од нивните родители и други возрасни роднини.
Некои беа доенчиња. Групите за имиграциски права ја тужеа администрацијата на Трамп.
„Американската унија за граѓански слободи поднесе тужба за разделување на семејства на почетокот на 2018 година, кога дознавме дека администрацијата на Трамп се занимава со практика на одземање на децата од нивните родители“, смета Ли Гелернт од Проектот за права на имигранти.
Според политиката, семејства беа разделувани, а родители кривично гонети за илегално преминување на границата.
„Ние поднесовме тужба во федералниот суд во Сан Диего, национална колективна тужба, и на крајот добивме налог од судот дека политиката е веројатно неуставна, брутална и несовесна и оти администрацијата на Трамп треба веднаш да ја прекине практиката и повторно да ги обедини сите деца. Мораше да ни помогне да ги најдеме сите овие семејства“, додава Гелернт.
Тужбата беше решена во 2023 година. Децата и роднините кои беа разделени ќе добијат помош за здравствена заштита, домување и правни потреби.
Тие, исто така, ќе имаат пристап до брз процес за азил и ќе можат да добијат тригодишно хуманитарно ослободување што ќе им овозможи легално да живеат во САД.
Сепак, речиси 1.000 деца допрва треба да се обединат со нивните родители и роднини.
„Со години ги бараме сите семејства кои беа разделени, од кои многу сè уште не се пронајдени“, додава Гелернт.
Во 2018 година, Трамп потпиша уште една извршна наредба со која ја смени политиката за разделување на семејствата по национални и меѓународни негодувања. Тој продолжи да зборува остро за безбедноста на границата.
„Бидејќи сакаме луѓето да влезат, но тие мора да влезат легално“, рече Трамп.
Администрацијата на Бајден ја отфрли имиграциската политика на Трамп, предизвикувајќи критики од републиканските законодавци.
Но, Ли забележува дека во декември судот го наредил следново:
„Осум години ниту една администрација не смее да се вклучи во практика на одвојување на семејствата. Би сакале да беше неодредено“, вели Гелернт.
Американските погранични службеници сè уште можат да одвојат дете од нивните родители доколку има докази дека детето е во опасност.
Раздвојувањето мора да биде документирано. Мора да бидат известени адвокати за имиграција. Но, ако идните администрации се обидат разделувањето на семејствата повторно да биде често и рутински, двокатите за имиграција велат дека се подготвени да се вратат во судовите.