Републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп се приклучи на ТикТок овој месец. Претседателот Џо Бајден го стори истото во февруари. Се чини дека често омаловажуваната социјална мрежа повеќе не е проблем кога се во прашање претседателски избори.
„Целиот свет на социјалните медиуми се промени во четирите години помеѓу последните претседателски избори и овие. Сега ТикТок е доминантна сила“, вели Теди Гоф, маркетинг консултант.
И Бајден и Трамп беа за забрана на ТикТок во САД, наведувајќи ги безбедносните грижи поради врските на нејзината матична компанија со кинеската влада. Но, со 170 милиони корисници во САД, од кои 44 отсто на возраст од 18 до 29 години, ТикТок претставува клучна можност да се придобијат младите гласачи.
Сепак, иако повеќе Американци ги добиваат своите вести на социјалните мрежи, една неодамнешна студија открива дека не е причината зошто тие се таму.
„Кога прашавме поради која причина се на овие страници, мислам дека забавата беше главната причина за сите. Особено за ТикТок забавата е огромна причина, а вестите не се најважни поради кои луѓето се приклучуваат на овие платформи“, вели Елиса Ширер од Истражувачкиот центар „Пју“.
Корисниците на ТикТок наидуваат на вести индиректно, преку мислења или објави со хумор што се однесуваат на тековните настани, и за разлика од Фејсбук или Инстаграм тие не се објави од пријатели или семејство.
Експертите за маркетинг велат дека следбениците и репутацијата на онлајн инфлуенсерите е клучно.
„Треба да имате повеќе кои ја објавуваат таа порака. Инфлуенсерите очигледно имаат и односи со нивните следбеници. Ним им се верува повеќе отколку можеби на некој политичар. Морате да најдете начин да ја пренесете вашата порака и да објасните зошто некој би бил подобар претседател, на начин што ќе има смисла и нема да ги исклучува луѓето на оваа платформа на која дошле за забава. Тие не се тука за да ја слушнат вашата политичка реклама“, додава Гоф.
Во она што се наликува дека ќе биде тесна трка, инфлуенсерите на ТикТок би можеле да бидат менаџери за дигитална кампања оваа изборна сезона.