Бислимоски: Зимава не очекувам проблеми со снабдувањето со електрична енергија, но никогаш не се знае

Бислимоски: Од аспект на обезбедување на електрична енергија и природен гас, очекувам да нема проблеми во обезбедувањето. Се разбира никогаш не вели никогаш.

Никогаш не вели никогаш, сè може да се случи, како што се случи со нафтата последните две-три недели. Но, глобалната слика во Европа е дека ќе нема проблеми со обезбедувањето на електричната енергија и природниот гас, вели претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски во интервју за Глас на Америка.

Your browser doesn’t support HTML5

Интервју со Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика

Глас на Америка: Каква зима нè очекува и со какви предизвици се соочува енергетскиот сектор во државата во пресрет на грејната сезона?

Марко Бислимоски: Последните неколку години имаше драстично зголемување на цените на природниот гас, електричната енергија, нафтените деривати. Во делот на електричната енергија и природниот гас, ситуацијата е стабилизирана.

Според она што го гледаме на европските берзи, цената на електричната енергија се движи од 135 до 150 евра за мегават час, цената на природниот гас има некој тренд на зголемување во последните месец дена, некаде 35 евра за мегават час. Тоа се цени кои се далеку повисоки, од оние што беа во 2021 година, но се далеку пониски од лудилото кое беше минатата година ова време. Така да од аспект на цени тоа е.

РЕК Битола

Во првите осум месеци во Македонија, увозот на електрична енергија е паднат на 16 проценти споредено со години како 2020, 2021, кога изнесуваше од 35 до 40 отсто, ова е рекордно низок увоз на електрична енергија, кој и понатаму ќе се намалува

Најбитно е нашите домашни производствени капацитети да бидат подготвени. Радува фактот што ЕСМ, оваа година направи целосни ремонти на трите блока на РЕК Битола.

Во Осломеј се прави целосен ремонт, и исто така имаме уште една многу позитивна работа, а тоа е што од 1 јануари 2022, до сега се изградени нови фотоволтаични електрани претежно со инсталиран капацитет од 475 мегавати. Тоа е некаде со инсталиран капацитет како во два блока во Битола. Секако дека производството не е како во два блока во Битола, но тоа е значаен производен капацитет кој е направен во државата и тоа го покажува и увозната зависност.

Во првите осум месеци во Македонија, увозот на електрична енергија е паднат на 16 проценти споредено со години како 2020, 2021, кога изнесуваше од 35 до 40 отсто, ова е рекордно низок увоз на електрична енергија, кој и понатаму ќе се намалува, имајќи во предвид дека сега доаѓаат на ред да се пуштат поголемите фотоволтаични електрани, кои ќе бидат приклучени на преносната мрежа.

Глас на Америка: Тоа значи дека граѓаните не треба да стравуваат оваа зима, како што тоа беше случај минатата година?

Марко Бислимоски: Од аспект на обезбедување на електрична енергија и природен гас, очекувам да нема проблеми во обезбедувањето. Се разбира никогаш не вели никогаш, се може да се случи, како што се случи со нафтата последните две, три недели. Но глобалната слика во Европа е дека ќе нема проблеми со обезбедувањето на електричната енергија и природниот гас.

Релативно ниската цена на гасот доведува до тоа производната цена на гас од гасните електрани да биде пониска од тоа што беше минатите две години

Факт е дека цените се сè уште високи, споредено со тоа што сме го имале во 2019, 2020, 2021 година, кога цените биле педесетина евра, сега се меѓу 135 и 150 евра за мегават час. Но тоа е новото нормално и не верувам дека ќе има некое драстично намалување на цените на европските берзи, а со тоа и на цената на електричната енергија на пазарот во државата.

Глас на Америка: Постои ли опасност од ново зголемување на цената на струјата?

Марко Бислимоски: Најбитно е да има производство на електрична енергија во Европа од нуклеарните централи и тоа се одвива. Релативно ниската цена на гасот доведува до тоа производната цена на гас од гасните електрани да биде пониска од тоа што беше минатите две години, така да јас лично не очекувам да има некои драстични зголемувања на цената на електричната енергија.

Глас на Америка: Што ќе значи за државата изградбата на хидро енергетскиот капацитет Чебрен? Поевтина струја за граѓаните?

Марко Бислимоски: Прво тоа е најголем енергетски капацитет во независна Македонија, кој со одлука на Влада се знае дека ќе се реализира. Чебрен ќе биде електрана која е реверзибилна електрана.

Чебрен ќе биде и бисер во овој дел на Европа, кој ќе ги обезбедува системските резерви не само за Македонија, туку и за останатите делови на регионот

Тоа значи дека преку ден ќе произведува електрична енергија од водата. Потоа од езерото кое ќе се направи за оваа хидро електрана, таа вода со пумпи повторно ќе се враќа назад кај електраната и ќе се произведува струја. Од тие причини некаде се очекува производството на електричната енергија од Чебрен да биде милијарда киловат часови, што е повисоко од сите хидро електрани што претходно сме ги имале во државата. Значи се обезбедува стабилно производство на електрична енергија.

Чебрен ќе биде и бисер во овој дел на Европа, кој ќе ги обезбедува системските резерви не само за Македонија, туку и за останатите делови на регионот. Тоа е услуга која е исклучително скапа и ќе има можност да се остваруваат приходи. Грчкиот инвеститор и ЕСМ, откога ќе се заврши целиот процес на договарање, ќе има една заедничка компанија каде ние како држава преку ЕСМ ќе имаме учество од 33 проценти.

Глас на Америка: Што говорат вашите информации ќе има ли понатамошно зголемување на цената на нафтата, горивата?

Најголемиот производител на сурова нафта во ОПЕК, Саудиска Арабија, драстично го намали своето дневно производство што предизвика едно сериозно неколку-неделно зголемување на нафтата на светските берзи

Марко Бислимоски: За жал се случи еден нелогичен потег, тоа е чиста геополитика. Најголемиот производител на сурова нафта во ОПЕК, Саудиска Арабија, драстично го намали своето дневно производство што предизвика едно сериозно неколку-неделно зголемување на нафтата на светските берзи. Ако пред триесеттина дена беше 70-73 долари, сега е околу 95 долари, што влијаеше и ние да ја зголемуваме цената на нафтените деривати, како што влијаше во сите земји од регионот и цела Европа.

Се надевам дека ќе преовлада разумот, дека нема потреба од така драстично намалување на производството, бидејќи со тоа си остваруваат профит само земјите членки на ОПЕК, а на останатите земји од светот тоа им прави сериозен проблем и нормално би било во вака тешки времиња да има и солидарност. Но тоа е тоа. Од пикот кој го достигнавме лани во јуни, кога цената на дизелот беше 110 денари, сега е 87 денари. Очекувам дека оваа ситуација сега ќе се стабилизира и дека ќе започне да има тренд на намалување од следната недела.