Претседателот на САД Џо Бајден вечерва ќе има обраќање од Белата куќа, откако вчера Конгресот го одобри пакетот помош за справување со последиците од пандемијата, вреден 1,9 трилиони долари.
Претседателот, кој одбележува 50 дена откако дојде на функција, се очекува да зборува за помошта и како таа ќе се одрази врз американските домаќинства, кои една година се соочуваат со последиците од пандемијата, при која починаа над 529.000 лица, а 29 милиони беа заразени.
Пакетот помош беше одобрен без поддршка од републиканците. Тој, меѓудругото, вклучува директни чекови за Американците од 1.400 долари, 3.000 или 3.600 долари помош за децата, зависно од нивната возраст, додека невработените ќе треба да добијат помош од 300 долари неделно, која ќе трае до почетокот на септември.
„Има вистинска причина за надеж, луѓе“, рече Бајден, кој се очекува утре да го потпише законот, и да го промовира со патување во Пенсилванија, додека потпретседателката Камала Харис се очекува да отпатува во Калифорнија, Колорадо и Невада следната недела.