Вартоломеј и папата заедно ќе промовираат вакцинирање против ковид-19

Your browser doesn’t support HTML5

Екуменскиот патријарх ова му го најавил на Бајден на денешниот состанок во Белата куќа, на кој дискутирале и за потребата од справување со климатските промени

Екуменскиот патријарх Вартоломеј му ветил на претседателот Џо Бајден дека заедно со папата и други верски лидери ќе помогнат во повикување на граѓаните да се вакцинираат против ковид-19.

Ваквата иницијатива Вартоломеј ја најави денес по средбата со Бајден во Белата куќа, нагласувајќи дека претседателот е „верник и човек со визија и ние знамеме дека ќе им понуди на оваа прекрасна држава и на светот најдобро лидерство и насока во негова моќ“.

„Претседателот ја прифати нашата заедничка иницијатива со задоволство“, додаде Вратоломеј за новинарите.

Претседателот Бајден, пак, му честитал на Вартоломеј за триесет години морал и духовно лидерство како екуменски патријарх.

„Тие ги дискутираа напорите за справување со климатските промени, чекорите да се стави крај на глобалната пандемија на ковид-19, и значењето на верската слобода како фундаментално човеково право“, се вели во соопштението од Белата куќа.

Во него се нагласува дека на состанокот била потенцирана клучната улога што верските заедници ја имаат во борбата против глобалните предизвици, како и децениските партнерство и пријателство меѓу Бајден и екуменскиот патријарх.

Пред да се сретне попладнево со Бајден, Вартоломеј првапт се сретна и со државниот секретар на САД Ентони Блинкен.

Вартоломеј го информирал Блинкен за разни прашања кои ги загрижуваат православните христијани, како и за неговата визија за промоција на меѓуверски дијалог и за кревање на свеста за здрава животна средина.

Во соопштението од патријархот се вели дека „тој ја адресирал потребата од итна политичка акција во одговор на климатската криза, потенцирајќи ја одговорноста на сите лидери да ги исполнат нивните ветувања за да ги адресираат климатските промени“.

Тој, исто така, му се заблагодарил на Блинкен за поддршката на американската администрација за вселенската патријаршија и нејзините идеи и вредности, истовремено обидувајќи се да преживее на историскиот престол во Истанбул.

Пред средбите денес, Вартоломеј утрово излезе од универзитетската болница „Џорџ Вашингтон“ каде вчера беше хоспитализиран поради исцрпеност од долгиот пат и подготовки за патувањето во САД, кое се случува по 12 години пауза.

Како што соопшти Грчката првославна епархија во Америка, на Вартоломеј му се слошило, само еден ден по пристигнувањето во САД во саботата.

Оттаму изјавија дека пред да замине на служба во катедралата „Света Софија“, екуменскиот патријарх не се чувствувал добро.

„Неговиот лекар го советуваше да одмора и поради претпазливост ќе биде однесен во универзитетската болница Џорџ Вашингтон“, соопшти вчера Грчката православна епархија во Америка.

Неофицијално, тимот за комуникации на Вартоломеј изјави дека лекарите утврдиле оти примарна причина за состојбата на екуменскиот патријарх била исцрпеност од патувањето, нагласувајќи дека засега нема промена во неговиот распоред за наредниот период.

Тој утре се очекува да се сретне и со спикерката на Претставничкиот дом Ненси Пелоси, а во наредните денови предвидени се средби со црковни лидери и верници во повеќе градови низ САД.

Пред неговото доаѓање, група сенатори предводени од Боб Мененедез и Марко Рубио, испратија писмо до Бајден, во кое го повикаа претседателот да го пречека Вартоломеј со „почести какви што заслужува“, нагласувајќи дека тој претставува фигура која игра значајна улога во промоција на мир преку меѓуверски диjалог, како и оти претставува пионер во прашањата за заштита на животната средина.