Големо враќање на САД на Западен Балкан. Вака поранешниот македонски амбасадор во НАТО Нано Ружин, ја оценува последната извршна одлука на американскиот претседател Џо Бајден, со која се предвидува замрзнување на имотот и забрана за влез во САД на лица кои работат против Договорот од Преспа и Охридскиот рамковен договор.
„Американците се враќаат на Балканот и продолжуваат со политиката која има свои корени во однос на таквиот вид на санкции уште од времето на Милошевиќ, во однос на Македонија од 2001 година, кога беше забранет влез на некои политички субјекти“, вели Нано Ружин, поранешен амбасадор во НАТО.
Ружин додава дека во иднина ова може да се однесува и на некои други договори, на пример билатералниот со Бугарија. Смета дека администрацијата на Бајден, во која има луѓе кои се добри познавачи на регионалните случувања, направила одлична анализа.
„Ги истакнала слабите точки и настојува преку една политика на дисциплинирање да влијае врз политичките елити на Западен Балкан и Северна Македонија, во нивно покоректно однесување.Тоа е крај и за сите оние кои настапуваат во функција на некои големи националистички соништа, како што е случајот со Бериша“, рече тој.
Поранешниот амбасадор, Ѓорѓи Филипов, пак, смета дека ова ќе влијае позитивно не само на Северна Македонија, туку и на нејзиното опкружување.
„Сметам дека оваа одредба поттикна многу да се замислат како ќе работат понатаму и дека во суштина ќе влијае на целиот развој, не само за надворешната политика на нашата земја, туку и за надворешните политики на соседните земји, и на земји кои се подалеку од нас, а сепак можат да имаат влијание на тоа што ќе се случува во земјите на Западен Балкан“, вели поранешниот амбасадор Ѓорѓи Филипов.
Филипов смета дека извршаната наредба на Бајден, претставува одговор и на сите информации изминатиот период за можна промена на границите во регионот.
„Ова е јасен одговор на сите тие блефирања, манипулации, предигири и можни сценарија и испитувања, без да се прашаат сили кои што на крајот одлучуваат дали некои промени ќе бидат озаконети или признаени или не во ОН“, вели тој.
И двајцата не ја исклучуваат можноста наскоро Бајден да објави и конкретни имиња на кои ќе им биде забранет влез во САД.
„Јас сметам дека ќе се оди по две формули. Едната е онаа каде што сите оние кои на извесен начин се однесуваат деструктивно врз демократијата и врз овие договори кои се тешко склучени, ќе знаат дека се тие. Сметам дека ќе има и една друга листа, која ќе се активира во моментот кога некои од овие луѓе ќе побараат да заминат во САД, тогаш може од амбасадата на САД во Скопје да им се каже дека нема простор за нив да патуваат во САД поради таа листа“, вели Ружин.
Филипов додаде дека на наредбата гледа како на предупредување.
„Веројатно се забележани такви појави, па затоа е направено ова проширување и можеби ќе се појават и такви имиња, доколку самата одредба не премисли некои лица во нивните намери и нивните заложби на развојот на ситуацијата во Западен Балкан“, рече Филипов.
Засега на црната листа се наоѓаат поранешниот албански премиер Сали Бериша, како и шестмина бугарски бизнисмени и лица кои важат за блиски до врвот на партијата на Бојко Борисов.