Џеф Безос тврди дека бил уценуван со интимни фотографии

Најбогатиот човек на светот, сопственикот и извршен директор на Амазон - Џеф Безос, го обвини издавачот на таблоидот Нејшнл Енквајарер за уцена и изнудување поради закана дека ќе објават интимни фотографии и лични пораки испратени до жената со која имал афера.

Издавачите на таблоидот, „Американ медиа“, барале Безос да прекине со истрагата за тоа како до нив стигнале интимните пораки и фотографии.

Таблоидот барал Безос да каже дека написот на Енквајарер од минатиот месец за неговата вонбрачна афера не бил политички мотивиран.

Безос, исто така, е сопственик на весникот „Вашингтон пост“ кој е критички настроен кон американскиот претседател Доналд Трамп. Сопственикот на „Американ медиа“, Дејвид Пекер, е долгогодишен пријател на Трамп.

Безос претходно рече дека тој и неговата сопруга минатиот месец се договориле да се разведат.

До сега нема јавно соопштение од страна на „Американ медиа“ како одговор на обвинението на Безос за уцена.