Безбедноста, стабилноста и сигурноста – теми на Вториот самит на Европската политичка заедница

Европската Унија која е главниот посредник во разговорите меѓу Белград и Приштина повикува на прекин на насилството и непреземање еднострани чекори од двете страни.

Безбедноста, стабилноста и сигурноста – тоа се главните теми за кои денеска во Кишињев се разговара на Вториот самит на Европската политичка заедница. Собирот на кој присуствува врвот на ЕУ, на земјите од Западен Балкан и државите од источна Европа, се случува во сенка на интензивирањето на борбите во Украина, нестабилноста што ја продуцира руската агресија, но и насилството на северот од Косово.

Пораките за македонската делегација се добро познати – дека продолжувањето на процесот на пристапување оди преку уставни измени.

„Она што претстои пред нас е една од многуте одлуки до влегување во ЕУ, а тоа е вклучување на други делови од народи во нашиот Устав, вклучително и бугарскиот народ. Со тоа се постигнува уште една многу значајна цел, бидејќи конечно веќе ќе се стави крај на тезата дека се работи за еден народ во две држави, за прв пат ќе имаме во Уставот и Македонци коишто се веќе, меѓутоа тука сега ќе бидат јасно диференцирани и Бугарите со што таа теза веќе еднаш засекогаш ќе заврши и нема да биде тема на разговор“, изјави премиерот Димитар Ковачевски.

Бугарија ја претставуваше шефот на државата – Румен Радев денеска во Кишињев имаше поумерена изјава за ова прашање.

„За нас и за сите европски држави е важно да се запазат критериумите за членство, а во чија основа се човековите права и недозволување на дискриминација. Мислам дека колку побрзо тоа се прифати – дека Бугарите во С Македонија треба да бидат впишани во Уставот и да се гарантира нивната рамноправност, толку ќе биде подобро“, изјави Радев

На крајот на изјавата на македонскиот премиер пред новинарските екипи се појави српскиот претседател.

„Како си претседниче? Имате други прашања? Сега ќе имате поинтересна тема“.

Вниманието се сврте кон Вучиќ поради тензиите на Косово. Тој се надева на смирување на ситуацијата и зачувување на стабилноста на регионот.

„Се надевам дека сите ние ќе успееме да ја деескалираме ситуацијата и да ја сочуваме стабилноста и мирот и сакам да ги поздравам луѓето во С Македонија и да кажам дека ним, како и на сите нас им посакувам мир и верувам дека ќе успееме во тоа“, рече претседателот на Србија, Вучиќ.

Европската Унија која е главниот посредник во разговорите меѓу Белград и Приштина повикува на прекин на насилството и непреземање еднострани чекори од двете страни.

„Мораме да инсистираме дека насилството не е начин, насилството мора да се осуди, а насилниците мора да одговараат. Сите треба да избегнат натамошна ескалација и некоординирани чекори. Ќе продолжиме да работиме со двете страни“, изјави високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борел.

За наредните денови се најавени нови заеднички американски и европски дипломатски обиди за смирување на состојбата на Косово и враќање на мирот.

Your browser doesn’t support HTML5

Втор самит на Европската полтичка заедница