Бесими: Процесите во СЈО се важни во наредниот период

Your browser doesn’t support HTML5

ДУИ е партија која е заинтересирана да не се дискредитира договорот, кој се однесува на реформите околу скандалот со прислушувањето и кредибилитетот на институциите

Поранешниот вицепремиер од ДУИ Фатмир Бесими, вели дека новиот датум на избори ќе може се утврди, само кога сите политички партии ќе бидат вклучени во изборниот процес.

Тој тврди дека иако ДУИ гласала за самораспуштање на Парламентот, партиските иницијативи кои вчера доведоа до одложување на изборите, биле неопходни по одлуката за помилување на претседателот Ѓорге Иванов.

„Со оглед на тоа дека во меѓувреме се случи аболицијата на господинот Иванов, во име на институцијата претседател на држава, тоа создаде една нова ситуација во земјата, и секако дека во таква околности не можат да се организираат избори. Тргнувајќи од основниот принцип на ДУИ, на самата политичка маса за дијалог требаше сите политички партии да се согласат за следните чекори. Поради тоа се случи до оваа промена”.

Бесими вели дека во оваа фаза не е коректно да се зборува за датум за избори бидејќи тоа не е цел.

„Главната цел е да се организираат фер, демократски и кредибилни избори, согласно сите меѓунраодни стандарди. Да бидат сеопфатни, односно да бидат вклучени сите политички партии, и во тој момент кога тоа ќе се случи изборите ќе бидат решение од оваа состојба. Тогаш ќе биде утврден и датумот, и секако тоа треба да биде продолжение на овој политички дијалог што го водат поголемите партии”.

Бесими додава дека во наредниот период, согласно договорот од 2-ри јуни и 15-ти јули, мора да функционираат институциите, вклучувајќи го Специјалното јавно обвинителство, а Државната изборна комисија да ги организира изборите, под мониторинг на ОБСЕ.

„Тука ДУИ ќе се потпре на тоа што се институционални решенија предвидени во законот и овластувања на ДИК. Всушност да се направи веродостоен, односно кредибилен Избирачки список, а тоа што е важно во наредниот период, е всушност да функционирааат сите институции, како што се и процесите во рамките на Специјалното јавно обвинителство, и да се спроведат реформите предвидени во рамките на Прибе извештајот, реформите во извештајот на ЕУ, како и да се обезбеди владеење на право, независно судство, слобода на изразување, добрососедски и меѓуетнички односи”.

Бесими го поддржува доаѓањето на германскиот посредник Јоханес Хајндл, покрај улогата на ЕУ и на САД за надминување на разликите меѓу партиите.

„ДУИ е партија која е заинтересирана процесот да оди напред, да не се дискредитира самиот процес, односно договорот што е постигнат во јуни и во јули, а кој се однесува на реформите околу скандалот со прислушување и на кредибилитетот на институциите, на правосудството, на државните безбедносни институции, кои треба да дадат шанса процесот и изборите да бидат кредибилни".

Бесими потенцира дека иницијативите на ДУИ даваат шанса за фер избори и се можност да се спаси политичкиот договор.