Берлин очекува уставни измени – Скопје вели дека зсега нема мнозинство

Потребата од уставни измени и како тие успешно да се заокружат – тоа се главните прашања на агендата на Мануел Сарацин за неговата посета на Скопје. Специјалниот пратеник на Германија за Западен Балкан на средбите со државниот врв и со дел од партиските лидери во детали се распрашувал за ситуацијата за оваа тема, во која фаза е процесот на уставни измени, какво е расположението кај партиите...

„Претседателот изрази очекување за натамошна силна поддршка од германските власти во пристапување на земјава кон Европската Унија, посочувајќи дека забрзувањето на интегративните процеси е во интерес на политичката, безбедносната и економската стабилност на целиот регион“, пишува во соопштението од претседателскиот кабинет по средбата на Пендаровски со Сарацин.

Your browser doesn’t support HTML5

Уставните измени - главни прашања на агендата на Мануел Сарацин за неговата посета на Скопје

Дел од соговорниците на Сарацин му пренеле дека станува збор за тешко прашање кое го поларизира општеството и дека, засега, како што стојат работите, малку е веројатно дека ќе се обезбеди неопходното двотретинско мнозинство и дека е потребно да се „работи“ со опозицијата која не покажува знаци на попуштање од „тврдиот“ став. Тоа, според партиското соопштение, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и директно му го кажал на германскиот пратеник.

„Претседателот Мицкоски потенцираше дека државата се соочува со големи предизвици како на внатрешен така и на надворешен план... Мицкоски уште еднаш го афирмираше ставот на партијата во однос на евроинтегративниот процес и започнување на преговорите, додавајќи дека граѓаните на Македонија час поскоро треба да бидат дел од ЕУ, но процесот да се води исклучиво на европски процеси и принципи, а не на уцени и закани од соседна Бугарија“, информираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Неколку часа по состанокот со Сарацин, шефот на државата зборувајќи на настан за односите меѓу заедниците, потенцираше колку за развојот на земјата се важни евроинтеграциите чиј пак напредок е директно поврзан со уставните измени заради вметнување на Бугарите.

„Внатрешната кохезија и функционалноста на демократијата директно зависат од европските интеграции и од тн. европски вредности, кои, пак, имаат дополнително значење во нашиот специфичен домашен контекст. Многупати досега имам кажано дека внесувањето на помалите етнички заедници во Уставот, вклучително и на Бугарите, нема да ја загрози безбедноста на државата, ниту ќе ја разниша нашата внатрешна стабилност. Токму затоа го поддржав процесот за уставни измени и делегирав свој претставник во работното тело...“, рече претседателот Стево Пендаровски.

Работното тело за уставни измени, досега, одржа две седници, но се уште е далеку од првичен текст на иницијативата. Наспроти инсистирањата од владата за брзи резултатите, од ова тело одговорија дека не сакаат да зборуваат за временски рокови во кои ќе го испорачаат текстот на иницијативата за уставни измени.