СКОПЈЕ - „Уште сто пати да се бара да одлучиме, сто пати ќе го доставиме истиот предлог до Влада – концесиите да се спојат“, дециден е министерот за економија, Крешник Бектеши на денешниот брифинг со медиумите.
Тој ги презентираше документите кои ги доставил до Владата и ги брифираше медумите зошто економија дала предлог за спојување на двете концесии за „Иловица – Штука“, а истото ќе го стори и следниот вторник на седница на Владата на барање на премиерот Ковачевски, а по жестоките реакции на јавноста и протестите во Струмица, но и тврдењата на министрите Оливер Спасовски, Славјанка Петровска и Каја Шукова дека биле изиграни од колегата Бектеши да гласаат за одобрување на предлогот односно спојување на концесиите.
Денеска, пак, Бектеши покажа дека официјалните документи на министерството за економија поврзани со предлогот за спојување на двете концесии биле закачени на електронскиот систем на Владата на 26 јуни, односно еден ден пред седницата на Владата на која се гласаше. Тој тврди дека сè е регуларно бидејќи предлогот поминал кај законодавната комисија во Генералниот секретаријат, која дала позитивен став. Бектеши е дециден, на гласањето му претходеше дваесет минути дебата спротивно од тврдењата на тројцата министри од СДСМ дека немало дебата.
Но, останува прашањето тогаш зошто точката за спојување на двете концесии е додадена како дополнителна на дневниот ред. Итноста да се гласа, од министерството за економија ја образложија со можноста за поведување на арбитражен спор и плаќање на пенали тешки стотици милиони евра.
Интересно е што од економија ретерираа бидејќи ако првичното образложение и соопштение беше дека Владата ја донесе одлуката по насоки на судска пресуда денска беше соопштено дека одлуката се темели врз членот 61 од законот за минерални суровини кој предвидува спојување на концесии покрај одлуките на Управниот и Вишиот управен суд.
Министерот Бектеши го впери прстот во Владата бидејќи истиот предлог за спојување на концесиите бил поставен како точка на дневен ред на Владата и во 2018 и во 2019 година, но не била донесена никаква одлука, ниту позитивна ниту негативна.
Останува отворено прашањето зошто Управниот суд два пати пресудил во корист на Владата по тужбата на „Еуромакс“ за одземање на концесијата, а потоа третиот пат, врз основ на истите документи и наоди, донел спротивна одлука на која се темели сега предлогот, но и одобрението за спојување на концесиите.
Токму затоа, тврдат од министерството за економија, од четири години не бил доставен предлог до Владата да се спојат концесиите.
На брифингот за медиумите беше презентирана комплетната документација поврзана со процесот на добивање на двете концесии за Иловица и Штука.
Првата постапката почнува во 2005 година, а завршува со потпис на концесија од тогашниот министер Зоран Ставревски во 2012 година. „Еуромакс“ во 2016 год побарала дозвола за експлоатација што е финален чекор, министерството за економија во 2019 во време на Бектеши како министер, ја одбиле фирмата со образложение дека документацијата е некомплетна.
Од економија објаснуваат дека со спојување на концесиите повторно течат роковите од 4 години во кои „Еуромакс“ треба да ги достави сите потребни документи и елаборати за да добие дозвола за експлоатација на минерални суровини
Постапката за втората концесија почнува во 2009 година, а завршува во 2015 година со потписот на тогашниот премиер Никола Груевски.
Веќе наредна 2016 година е првото барање на „Еуромакс“ за спојување на концесиите според член 61 од Законот за минерални суровини.
Од економија објаснуваат дека со спојување на концесиите повторно течат роковите од 4 години во кои „Еуромакс“ треба да ги достави сите потребни документи и елаборати за да добие дозвола за експлоатација на минерални суровини и тврдат дека е сложен процес во кој учествуваат повеќе државни институции па одговорноста ја префрлаат и кај министерствата за транспорт и врски, внатрешни работи и животна средина кои исто така треба да одлучуваат по дел од нив и во секое време може да се произнесат негативно и да се запре процедурата и да се одземе и втората концесија.
Министерот Бектеши тврди дека „Еуромакс“ може поведе арбитражен спор против државата бидејќи седиштето на мнозинскиот сопственик е во Швајцарија, држава со која Северна Македонија има потпишано договор за заштита на трговски права и странски инвестиции. Отфрла дека итноста се наметната откако дел од акциите ги купува сестринска фирма на бизнисменот Назиф Дестани, кој е близок до неговата партија.
Премиерот Ковачевски денеска кажа дека нема да го разреши Бектеши и дека чека отчет од него околу предлогот за спојување на двете концесии на следната седница на Влада закажана за истиот вторник, но Бектеши на брифингот само кажа дека ќе достави само еден нов документ, хронолошки преглед на добиените дозволи, бидејќи сите останати веќе се прикачени во владиниот систем и им стојат на располагање од 26 јуни.