Бајден се согласил Украина да користи американско оружје да напаѓа во Русија, објавија медиуми во САД

  • VOA

Украинскиот претседател Володимир Зеленски се ракува со американскиот претседател Џо Бајден на маргините на 79-та сесија на Генералното собрание на ОН

Во голема промена на политиката, американскиот претседател Џо Бајден за првпат ја овласти Украина да користи ракети со долг дострел доставени од САД за да напаѓа внатре во Русија, според медиумски написи во САД.

Наводната одлука доаѓа два месеца пред Бајден да ја напушти функцијата и пред инаугурацијата на новоизбраниот претседател Доналд Трамп.

Трамп изрази скептицизам за континуираната поддршка на САД за владата во Киев и тврди, без да понуди никакви детали, дека ќе стави крај на 33-месечната војна на Русија против Украина пред да ја преземе функцијата.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски со месеци ги притиска САД да се согласат да ги користат ракетите со долг дострел, за да помогнат во спречувањето на бројните воздушни и копнени напади на Москва во источна Украина.

Но, првично, оружјето најверојатно ќе се користи како одговор на одлуката на Северна Кореја да испрати илјадници војници во Русија како поддршка на инвазијата на рускиот претседател Владимир Путин на Украина.

Војниците на Пјонгјанг се борат заедно со московските сили во јужниот руски регион Курск на украинската граница, кој Киев го нападна во август, шокирајќи ја руската воена команда.

Трамп го заобиколи директното прашање на неговата септемвриска дебата со потпретседателката Камала Харис за тоа дали сака Украина да победи во војната против Русија, велејќи едноставно: „Сакам војната да престане“.

Наместо тоа, тој се фокусираше на човечкиот биланс во војната, велејќи дека биле убиени „милиони“, бројка што далеку ја надминува секоја потврдена бројка на загинати, иако некои проценки велат дека околу еден милион Руси и Украинци се убиени и повредени.

Трамп велеше дека доколку биде избран, ќе преговара за договор уште пред да стане претседател и посочи дека САД може да се доведат до „Трета светска војна“ со поддршка за Украина против Русија.

Камала Харис тврдеше дека ако Трамп бил претседател за време на инвазијата, тогаш „Путин ќе седеше во Киев со очите вперени во остатокот од Европа“.

Поддршката на САД за Украина беше на второ рото место меѓу загриженоста на американските гласачи, кои им кажаа на анкетарите дека најмногу се загрижени за цената на производите и приливот на недокументирани мигранти на границата на САД со Мексико.

Трамп треба да биде инаугуриран на 20 јануари.

Кремљ вели дека одлуката на Бајден да ѝ дозволи на Украина да користи ракети со долг дострел, ако е точна, ќе ја ескалира војната, објави Ројтерс.