Бајден предложи да се ограничи мандатот на судиите на Врховниот суд

Зградата на Врховниот суд на 27 јуни 2024 година, во Вашингтон

Претседателот Џо Бајден денес го откри долгоочекуваниот предлог за реформи на Врховниот суд на САД, повикувајќи го Конгресот да воспостави ограничувања на мандатот и етички кодекс за деветте судии на судот.

Тој, исто така, ги притиска законодавците да го ратификуваат уставниот амандман кој ќе го ограничи претседателскиот имунитет.

Белата куќа денес даде детали за контурите на судскиот предлог на Бајден, кој се чини дека има мали шанси да биде одобрен од тесно поделениот Конгрес на само 99 дена до денот на изборите.

Сепак, демократите се надеваат дека тоа ќе помогне да се фокусираат гласачите додека размислуваат за нивниот избор на изборите.

Веројатната демократска кандидатка, потпретседателката Камала Харис, се обиде да ја постави својата трка против републиканскиот поранешен претседател Доналд Трамп како „избор помеѓу слобода и хаос“.

Белата куќа се обидува да го искористи зголемениот бес кај демократите во врска со Врховниот суд, кој има конзервативно мнозинство од 6-3, објавувајќи мислења кои ги поништиле значајните одлуки за правата на абортусот и федералните регулаторни овластувања кои стојат со децении.

Либералите, исто така, изразија вознемиреност поради откритијата за, како што велат, сомнителните односи и одлуки на некои членови на конзервативното крило на судот, кои укажуваат на загрозување на нивната непристрасност.

„Имам голема почит кон нашите институции и поделбата на власта“, тврди Бајден во текстот на „Вашингтон пост“.

„Она што се случува сега не е нормално и ја поткопува довербата на јавноста во одлуките на судот, вклучително и оние кои влијаат на личните слободи“.

Претседателот планира да зборува за неговиот предлог подоцна денес, за време на обраќање во Остин, Тексас, по повод 60-годишнината од Законот за граѓански права.

Бајден бара укинување на доживотните назначувања во судот.

Тој вели дека Конгресот треба да донесе закон за воспоставување систем, во кој актуелниот претседател ќе назначува судија на секои две години за да помине 18 години во служба на судот.

Тој тврди дека ограничувањата на мандатот ќе помогнат да се осигура дека членството во судот се менува со одредена регуларност и додава мерка на предвидливост на процесот на номинација.

Тој, исто така, сака Конгресот да усвои закон со кој ќе се воспостави етички кодекс за судиите, што ќе бара од судиите да откриваат подароци, да се воздржуваат од јавни политички активности и да се изземаат од случаите во кои тие или нивните сопрузи имаат финансиски или друг конфликт на интереси.

Бајден, исто така, го повикува Конгресот да усвои уставен амандман, со кој се поништува неодамнешната значајна одлука за имунитет на Врховниот суд, со која се утврди дека поранешните претседатели имаат широк имунитет од кривично гонење.

Одлуката го продолжи одложувањето на кривичниот случај во Вашингтон против поранешниот претседател Доналд Трамп за обвиненијата дека тој планирал да ја поништи неговата загуба на претседателските избори во 2020 година.