На претседателот Џо Бајден и на поранешниот претседател Доналд Трамп им остануваат уште шест месеци да ги убедат американските гласачи да им дадат втор мандат.
Трамп ќе помине одреден дел од тоа време во сојузен или федерален суд одговарајќи на четири одделни обвиненија кои ои вклучуваат незаконско задржување на информации за национална одбрана и фалсификување деловни досиеја. Тој вели дека обвинителите се мешаат во изборите.
„Се` беше легално. И тие го прават ова затоа што е политика. Тие сакаат да го изберат Бајден. Тоа е единствената причина“, рече Трамп.
Појавувањата во судот го намалуваат времето на Трамп за кампања, но тој вели дека она што тој го нарекува „политичка измама“ само го прави попопуларен кај гласачите.
„Тоа е страшно, страшно нешто што се случува во нашата земја. И се надевам дека на 5 ноември, најважниот ден во историјата на нашата земја, според мое мислење, кој се нарекува Денот на изборите, тоа ќе се промени, затоа што овие луѓе ја уништуваат нашата земја“, истакна Трамп.
Републиканската партија последен пат го номинираше Трамп за претседател на полувиртуелна конвенција во 2020 година во Северна Каролина.
Овогодинешната републиканска конвенција е во јули во сојузната држава Висконсин. Пред тоа, Трамп ќе треба да избере нов кандидат. Меѓу оние за кои се верува дека се размислува за потпретседател се: сенаторот од Флорида Марко Рубио, сенаторот од Охајо Џеј Ди Венс, сенаторот од Јужна Каролина Тим Скот и конгресменката од Њујорк, Елиза Стефаник.
Како актуелен претседател, Бајден ја има предноста со настаните во Белата куќа за да го задржи вниманието на гласачите.
Во текот на кампањата, Бајден станува се` поостар во неговите напади врз Трамп додека тврди дека ја направил економијата посилна.
„Изградбата на нови фабрики се зголеми повеќе од двојно во нашата администрација. Во меѓувреме, Доналд Трамп сè уште мисли дека ветерниците предизвикуваат рак. Така кажа. Патем, се сеќавате кога се обидуваше да се справи со ковид? Тој рече дека да вбризгувате избелувач во вени. Тој промаши - сето тоа отиде во неговата коса“, рече Бајден.
Демократската партија последен пат го номинираше Бајден за претседател на својата полувиртуелна конвенција во 2020 година во Висконсин.
Овогодинешната демократска конвенција е во август во Илиноис. Бајден повторно се кандидира со потпретседателката Камала Харис, која води кампања за враќање на федералната заштита од абортус, што беше прекината кога Врховниот суд на САД го укина случајот „Роу против Вејд“ во 2022 година.
„Доналд Трамп беше претседателот што ја одзеде заштитата обезбедена со Роу. Џо Бајден ќе биде претседателот што ќе ја врати заштитата на Роу“, рече Харис.
Пред денот на изборите во ноември, Бајден и Трамп се очекува да дебатираат. И двајцата велат дека се подготвени. Не е одреден датум.