Воената кампања на Израел во Газа и нејзиниот ефект врз палестинските цивили е во фокус на меѓународна осуда.
„Природниот начин на обезбедување помош преку патишта е затворен, а гладот се користи како воено оружје“, изјави Жозеп Борел, висок претставник на ЕУ за надворешна политика.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху не попушта.
„Ниту еден од овие притисоци нема да не` спречи. Иднината на Израел, опстанокот е во прашање“, изјави Нетанјаху.
Your browser doesn’t support HTML5
Но, во услови на се` повеќе жртви и изгладнетите жители на Газа, најверниот поддржувач на Израел, претседателот Џо Бајден, го губи трпението.
Еве што тој рече во интервју за Ем-Ес-Ен-Би-Си неодамна.
Не можете да имате уште 30.000 мртви Палестинци како последица. Има други начини да се справитеЏо Бајден
„Одбраната на Израел е сè уште критична, така што нема црвена линија со која ќе го отсечам целото оружје. Но, има црвени линии кои ако тој ги премине и тие... не можете да имате уште 30.000 мртви Палестинци како последица. Има други начини да се справите“, истакна Бајден.
Бајден сè повеќе ја покажува својата фрустрација од Нетанјаху, вклучително и поради израелската политика, која ја забавува испораката на копно на многу потребната хуманитарна помош.
САД им се придружија на другите земји за да пуштат помош од воздух. И американските војници се упатуваат кон Медитеранот за да изградат привремено пристаниште на брегот на Газа, за да овозможат помошта да пристигне по море од Кипар.
Вашингтон продолжува да го поддржува Израел со воена помош. Но, ако Нетанјаху се спротивстави на повикот на САД и го нападне Рафа, каде што се засолнети повеќе од еден милион Палестинци, прашањето е дали Бајден би спречил да испрати американско оружје во Израел?
„За тоа разговараме со Израелците. Ние работиме на тоа. И нема да стојам овде и да зборувам хипотетички“, истакна Џејк Саливан, советник за национална безбедност на САД.
Пред претседателските избори во САД во ноември, Бајден сака да избегне да им даде можност на републиканците да му ги земат произраелските гласови.
Но, тој, исто така, треба да ги спречи прогресивните демократи, младите гласачи, муслиманите и арапските Американци, да го напуштат поради неговата поддршка за Израел.
Така, додека Бајден беше наклонет кон Нетанјаху во првите денови по нападите на Хамас на 7 октомври, сега тој се дистанцира.
„Тој на некој начин врши политичка ампутација на Биби“, вели Лора Блуменфилд од универзитетот „Џонс Хопкинс“.
Постапките на Бајден се чини дека се водени и од домашната политика и од надворешнополитичките цели.
„Одвоите го Нетанјаху, и она што Бајден смета дека се негови токсични воени политики, од државата Израел, за тој да може да продолжи да го поддржува Израел, што навистина е негов политички инстинкт, без да ги жртвува своите морални вредности“, додава Блуменфилд .
Неодамна, членот на израелскиот воен кабинет Бени Ганц, беше примен од демократските законодавци, потпретседателката Камала Харис и други високи американски претставници, како знак на поддршка на администрацијата, доколку популарниот центристички политичар стане следниот премиер на Израел.
Но, дали промената на Бајден кон Нетанјаху ќе биде доволна за да ги смири Американците, кои се лути на политиката на претседателот во Газа, останува да се види.