Компанијата Баер изгуби тужба од две милијарди долари заради препаратот Раундап

Трет пат за помалку од една година порота одлучи дека главната состојка во популарниот уништувач на плевел Раундап е виновна за предизвикување на рак кај лица кои го користеле.

Поротата во Сан Франциско досуди да им бидат исплатени две милијарди долари на пар кој е во 70-тите години и кои го користеле препаратот Раундап во период од 35 години.

Адвокатите велат дека научните студии покажуваат дека препаратот доведува до рак кај животните и кај луѓето.

Германската компанија Баер која го произведува Раундап тврди дека Агенцијата за заштита на животната средина на САД утврдила дека ако Раундап се користи според упатствата не е опасен.

Од компанијата велат дека се разочарани од пресудата и планираат да поднесат жалба.

Претходно беа доделени мултимилионски суми оштета на две други лица, а се поднесени илјадници други тужби.

Волстрит џурнал објави дека акциите на Баер паднале за 30 проценти по првата пресуда која беше донесена во август.