Границите - клуч за опстанок на Балканот

Your browser doesn’t support HTML5

Експерти од Вашингтон велат дека иднината на регионот лежи во почитувањето на етничката припадност

„Неменување на границите и почитувањето на етничката припадност е основната цел за опстанок на Балканот, а тоа воедно претставува желба и фокус на кој работат САД“, беше речено на вчерашната панел дискусија во Вилсон Центарот во Вашингтон.

„Почитувањето на етничката припадност, признавањето на границите се многу важни за Балканот и доколку се задржат овие вредност, евроатланската интеграција за овие земји ќе биде голем успех и унапредување“,рече Даниел Сервер, од Школата за напредни меѓународни студии на Универзитетот Џонс Хопкинс.

Тој зборуваше и за периодот од распадот на Југославија пред 26 години, кој донел војни и хуманитарни катастрофи од невидени размери, но не и промена на границите. Единствената промена е што денес таму имаме сиромашни балкански држави, рече тој.

Рос Џонсон од Институцијата Хувер, во целост се согласува со Сервер, потенцирајќи дека почитувањето на етничката припадност е клучно за иднината на Балканот. Македонија во тој контекст се покажала како пример.

„Еве на пример, новата влада во Македонија го почитува а воедно и соработува со албанското малцинство при формирањето на Влада, што не беше случај изминатиов период, мислам дека тоа е добар знак и Македонија може само така да се движи напред“, рече Џонсон.

Голем дел од дискусијата беше посветена на силното руско влијание во Србија. Преку мрежа на невладини организации, експертите рекоа дека Русија пенетрирала длабоко во сферата на медиумите и социјалните мрежи, што помогнало значително да се намали ентузијазмот кај граѓаните за влез на државата во НАТО. Од друга страна, и покрај слични обиди за влијание, Македонија останала цврсто на убедување дека евроатланската интеграција е единствениот пат за просперитет. Сепак, панелистите потенцираа дека отвореното прашањето за спорот со името со Грција создава неизвесност за насоката и брзината со која државата ќе се движи во процесот на демократизација.